Заев: Подготвен сум да разговарам со опозицијата за сите одлуки


Очекувам Македонија да добие свое место во Стратегијата за проширување на ЕУ која ќе биде објавена во февруари 2018 година, вели премиерот Зоран Заев во утрешното интервју за „Независен весник“. Тој зборува за очекуваната соработка со опозицијата и за кохабитацијата со претседателот Ѓорге Иванов, како и за очекувањата за брзо надминување на спорот за името со Грција и за пробив на Македонија на патот кон ЕУ и НАТО.

Заев ги најавува и чекорите во реформата на јавната администрација, а во однос на промените во судската власт, засега не ја спомнува можноста за генерален реизбор на судиите, туку посочува дека и меѓу актуелните судии има чесни и квалитетни кадри.

Само осум месеци по инцидентот во Собранието, вели Заев, Македонија во регионот, но и пошироко, се перцепира како нормална демократска земја со кохезија и сила. Тоа, наведува, го постигнавме пред сѐ со возобновување на „избледените“ пријателства со соседните земји.
„Потпишавме договор за пријателство, добрососедство и соработка со Бугарија. По успешната меѓувладина седница со Бугарија, одржавме и заедничка седница со Владата на Албанија. Неодамна бев во посета на Косово, а интензивно го чуваме пријателството со Србија. Конечно, градиме доверба со Грција, што ни дава право да кажеме дека Македонија е пријател со сите свои соседи. Јас и моите колеги од регионот сме свесни дека само заедно, како регион на Западен Балкан, низ добрососедска економска и политичка соработка можеме да обезбедиме напредок и да придонесеме кон безбедноста и развојот за сите држави од регионот“, вели Заев.

Според него, меѓународната заедница ги препознава инклузивните политики и политиките на отворени врати што ги практикува владата. И затоа очекува Македонија да биде вклучена во Стратегијата за проширување на ЕУ.

Според премиерот, владејачката коалиција е стабилна затоа што меѓу партнерите има јасен договор кој се базира на реформите и на посветеноста на потребите на граѓаните.
„Различни мислења секогаш ќе има, вклучително и помали политички и кадровски промени, но мисијатa е една и јасна и сите капацитети се вложени во неа – обезбедуваме подобар, мирен и квалитетен живот за сите граѓани на државата, заедно градиме едно општество, еднакво за сите“, вели Заев.
Тој посочува дека на секоја власт и е неопходна здрава, демократска и критички настроена опозиција и затоа ја повикува ВМРО-ДПМНе да се врати во парламентот. „Јас уште еднаш ги повикувам пратениците на ВМРО – ДПМНЕ, активно да учествуваат во работата на Собранието и сите заедно да одлучуваме за доброто на Македонија. И подготвен сум да разговарам со опозицијата буквално за сите прашања и одлуки, со единствена цел – заедно да создаваме добри перспективи за Македонија“, вели Заев.

Тој посочува дека прашањето за името е важен чекор на патот што Македонија треба да го изоди до целосна интеграција. Потесетува дека посредникот Метју Нимиц се сретна со преговарачите од двете страни и утврди дека тие се спремни суштествено да навлезат во решавање на проблемот.
„Јас сметам дека до крајот на првата половина на 2018 година ова прашање може да биде затворено. Мојот оптимизам го темелам на подготвеноста на двете страни без предрасуди да разговараме за сите прашања и за сите решенија кои ќе значат унапредување на односите и кои се во интерес на граѓаните на двете земји. И верувам дека ќе го постигнеме тоа со целосно зачувување на нашиот дигнитет. Граѓаните ќе не наградат повеќе за храброста и за вербата во перспективите и иднината, отколку за евентуалната уназаденост ако останеме заглавени во минатото“, вели Заев, во утрешното интервју за „Независен весник“.