Заев: Повторно сме пред историски избор и со голема должност


Должни сме да преземеме одговорност за Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. Денес сме повторно пред историски избор: оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за нашата стратегиска цел во оваа фаза од нашата историја – егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност и стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО и во ЕУ.

Ова го нагласи премиерот Зоран Заев на вечерашното заедничко,  прво прославување на 11 Октомври, Денот на почетокот на народното антифашистичко востание на двата града Прилеп и Куманово пред Меморијалниот музеј во Прилеп „11 Октомври“, некогашниот Участак каде почнале виорните историски настани 1941-та.

Според Заев, пред 77 години, нашите државотворни предци направиле избор и го кренале  гласот Македонија да ја направат дом на слободата, победник над фашистичкото зло.

– Презедоа одговорност, избраа да изградат држава, светилиште на слободата, по цена на живототите и ја ставија на пиедесталот на новата држава, како подарок и како завет за сите идни генерации, никогаш да не ја изгубат и да не ја доведат во прашање. Ние денеска им оддаваме должна почит на тие храбри државотворни луѓе кои им дарија држава на идните генерации да ја чуваат, да ја негуваат и да ја развиваат, рече Заев.

За Заев, празниците се добар момент да се запрашаме: како да го зачуваме она што го наследивме и како од Македонија да направиме подобра држава.

– Секоја генерација е должна да ги проширува видиците и да реагира тогаш кога некој го блокира и го оневозможува развојот. Оваа должност најмногу им припаѓа на политичките лидери, на народните избраници. Нашите претходници што ја извојуваа слободата не ни ја дадоа за да ги делиме луѓето.  Должни сме, на сите наши деца да си го видат сопственото место во домот – Република Македонија. Да преземеме одговорност за Македонија да биде дом на слободата на сите нејзини граѓани, како нова ѕвезда во европското соѕвездие. Денеска сме повторно пред историски избор: оваа генерација треба одлучно и храбро да го направи исчекорот за нашата стратегијска цел во оваа фаза од нашата историја – егзистенција за секого, европски животен стандард, осигурани граници, безбедност и стабилност, признаен идентитет. Сето ова преку членство во НАТО и во ЕУ, истакна Заев.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски ова е голем ден зашто здружено првпат прославуваат двата града – Прилеп и Куманово.

– Прилеп дал 650 борци и во НОБ и Револуцијата загинале 10 народни херои. Овде пред некогашниот Участак, полициска станица почнале виорните историски настани кои не доведоа до слободата и до заветот да ја унапредиме државата и да ја внесеме во европското семејство затоа оваа заедничка прослава нека стане традиција, рече Јованоски.

Според градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски нема дилема каде пукнала првата пушка – онаму каде што решиле нашите предци за да извојуваат слобода и да обезбедат основа за независна и суверена Македонија

– Ние кумановци и вие прилепчани се вградивме во македонската историја, зашто нашите предци со пушки в рака ги зедоа одговорностите за да ја извојуваат слободата за нас. Нашите предци не обврзуваат да продолжиме на патот кон европеизацијата на Македонија. Испраќам порака во името на кумановци и да ја разрешиме дилемата каде пукнала првата пушка. Таа пукнала таму како што решиле нашите предци за да ја извојувата слободата. Затоа почнуваме да чествуваме во Прилеп, а ќе продолжиме во Куманово, рече Димитриевски.

Прославата беше заокружена со традиционалниот импровизиран напад на градот, како потсетување на историските настани од 1941-та и со богат огномет.