Заев очекува ратификација на Преспанскиот договор и на Протоколот за НАТО


Македонскиот премиер Зоран Заев очекува Договорот од Преспа до крајот на неделава да биде ратификуван во грчкиот Парламент, а до средината на февруари да биде одобрен и Протоколот за членство во НАТО.

Во синоќешното интервју за Алсат-М, Заев рече дека е оптимист оти по добиената поддршка во парламентраната Комисија за одбрана и надворешна политика, Договорот ќе биде одобрен и на пленарна седница.

Тој се надева дека до средината на февруари во грчкиот Парламент ќе заврши и ратификацијата на Протоколот за прием на Македонија во НАТО, со што во сила стапуваат сите одредби од Преспанскиот договор, како и направените уставни измени во земјата и употребата на новото име Република Северна Македонија.

Заев очекува при гласањето за протоколот за НАТО, политичките сили во грчкиот Парламент да бидат единствени и да дадат едногласна поддршка, со што ќе испратат силен сигнал до „Република Северна Македонија“ дека Грција е првата земја од Алијансата која со консензус го ратификувала Протоколот за членство.

По завршувањето на целиот процес Заев очекува да има нова средба со Алексис Ципрас, во Скопје или Атина, сеедно, за уште еднаш на граѓаните да им потврдат дека ќе има големи придобивки од Договорот од Преспа.