Заев: Од успехот на борбата против корупцијата, зависи успехот на државата


Корупцијата е закана за воспоставување на владеење на правото, а ние презедовме обврска дека во Македонија ќе владее правото. Затоа, мораме да дејствуваме одлучно и со нула толеранција кон корупцијата, порача премиерот Зоран Заев во видео обраќање по повод Меѓунaродниот ден за борба против корупцијата.

Во него порачува и ги охрабрува сите активно да се вклучат во заедничка борба преку пријавување на корупцијата и без страв од последици.

Никој, вели, нема да биде изземен од одговорност. – Нашата Влада и јас како премиер, но и сите претставници на локалната власт, како и претставниците од граѓанскиот сектор и од приватниот сектор, имаме одговорност да се справиме со сериозните предизвици што корупцијата ги поставува пред нас, истакнува Заев.

Додава дека само, заедно и пркосно, ќе креираме успешни политики, и ќе поставиме темели за постабилна, економска и правична иднина за сите граѓани на Република Македонија. Од успехот на борбата против корупцијата, посочува, зависи успехот на нашата држава.

Во обраќањето наведува дека коруптивното делување е сериозна закана за економскиот и за севкупниот развој на нашата Македонија.

– Со вашиот глас ја добивме најодговорната функција, да раководиме со оваа држава. Реформата е во тек и се интензивира. Промените во Република Македонија значат заложби за професионални институции и обезбедување права и слободи на секој човек. Со промените градиме едно и единствено општество во кое нема место за корупција, вели премиерот Заев во видео обраќањето.