Заев: Одлуката на ЕУ е мотивирачка за Македонија


Премиерот Зоран Заев денеска изрази, како што рече, огромно задоволство од вчерашната одлука за добивање датум за преговори со Европската унија во јуни 2019.

– Имајќи предвид дека во мај 2019 година се изборите за Европскиот парламент, одлуката на ЕУ е комплетно со нашите очекувања. Ние сме среќни и дополнително мотивирани, рече Заев денеска пред почетокот на својот говор на 98. РОС-РОТ семинар во Собранието.

Тој им се заблагодари на сите земји членки на Европската унија за оваа, како што рече, мотивирачка одлука за Македонија.

– Посебно ми е драго што нашите два соседа, Бугарија и Грција водеа плодна дискусија и се изборија за оваа посакувана одлука за Македонија како и за Албанија, рече премиерот.

Тој исто така и честита и на Албанија за вчерашната одлука на Советот за општи работи на ЕУ во Луксембург.

Одговарајќи на прашања на присутните, Заев кажа дека во петок ќе има состанок и дека после тој состанок ќе објават очекувања на одлука од Самитот на НАТО.