Заев: Одговорност мора да има за прислушкувањето во ЈО и во Судот


Одговорност мора да има, а истрагата ќе покаже кој дал наредба во телефонските централи да се вгради систем за прислушкување, изјави денеска на прес-конференција премиерот Зоран Заев по објавувањето на скандалот со прислушувањето во јавното обвинителство.

Премиерот Заев, одговарајќи на новинарско прашање, рече дека не знае во која државна институција е набавена слична или иста телефонска централа, но нагласи дека раководното лице во институцијата одлучува што ќе се употребува од вградената телефонска централа.

-Раководното лице во самата институција, одлучува што од тоа ќе се употребува. Имаме системи каде што има потреба од снимање како што е снимање за следење судски рочишта… Самиот претседател на суд, шеф на обвинителство, министер, премиер или кој било одлучува што тоа употребува или не. Начинот на донесувањето на одлуката дека тоа се употребува односно се става на снимање е кривично дело, и вториот дел начинот на користење на тоа е уште поголема злоупотреба. Истрагата треба да покаже навистина каде соодветното раководно лице дало наредба да се употреби односно да се вгради и вториот дел каде е тоа употребувано, рече премиерот.

Според неговите информации, системот во Основниот суд Скопје 1 се уште не е ставен во фунцкција, но системот е вграден.

-Кој тоа дозволил таков систем да се вгради? Во ЈО треба да си каже државниот јавен обвинител затоа што самите институции кога ги сменија своите раководни структури ја отворија веднаш истрагата. Така ќе биде и за секоја јавна институција. Првиот аларм којшто стигна до мене, еве и до министреката е да си провериме се што имаме вградено во самите институции. Се работи за локалите внатре, внатрешната комуникација помеѓу себе… Очекуваме одговорност, рече Заев на заедничката прес-конференциоја со министерката за правда Рената Тренеска Десковска.

Министерката Тренеска Десковска, пак, рече дека и во Министерството за правда пред одреден период е набавена телефонска централа и оти по овие информации кои излегоа за судовите ќе се обрати до Министерството за внатрешни работи за да се види каква централа е набавена и за Министерството за правда.

Телефонската централа во Основниот суд Скопје, потврди министерката за правда, е набавена преку Министерството во 2015-2016 година за време на министерувањето на Валдет Џафери. Тренеска Десковска кажа дека целокупната документација ќе биде доставена до надлежните институции.

-Телефонската централа во Основниот суд Скопје е набавена преку Министерството за правда. Со оглед на тоа што за овој процес во моментот се води истрага сите документи коишто се во рамки на Министерството за правда ќе бидат доставени до надлежните органи и согласно од истражната постапка ќе се види кај кого ќе треба да се бара одговорност и каков тип на одговорност ќе следи, рече таа.

Поради истрагата таа не може да посочи повеќе детали, но рече дека техничките спецификации кои биле барани се објавени на веб – страната на Бирото за јавни набаки и може да се погледнат.

-Сите други информации ќе бидат испратени до надлежните органи, додаде министерката.