Заев: Ни јас немам увид во фирмите на моето семејство


Премиерот Зоран Заев предупреди дека законот е еднаков за сите, а борбата против корупцијата е приоритет за владата и ги охрабри институциите до крај да ги истражат државните тендери што предизвикаа големи контроверзи во јавноста откако се дозна дека функционери и членови на СДСМ лапнале дел од колачот. Претседателот на владата потенцираше дека сите фирми што ги исполнуваат условите и планираат да го зголемат и подобрат своето работење имаат право да се јавуваат на тендерите, но оти треба да се прави разлика меѓу незаконско и неетичко работење.

Законски е дозволено, но треба да ги почитуваме и етичките кодекси. Одлуката на Комисијата на Фондот за иновации ја донесоа меѓународни експерти со над десетгодишно искуство, меѓу кои и министер од поранешната власт, Глигор Ташковиќ. Исклучително важно е постапките да бидат транспарентни, тоа е една од најсериозните алатки во борбата против корупцијата. Инаку, се случува и јас да немам можност да правам увид во фирмите на моето семејство, едноставно немам време. Но, затоа треба реагираме по одредени слабости и затоа ги поздравувам изјавите за повлекување од фирмите“, одговори Заев на пратеничко прашање во Собранието.

Тој забележа дека се менува менталниот склоп на правосудството и тие со своите секојдневни активности ќе придонесуваат во испраќањето порака дека законот важи подеднакво за сите.

Никој не може да остане надвод од законот, па макар и доколку имале умисла, а не успеале да реализираат корумпирани дејствија. Корупцијата е рак-рана на нашето општество. Критички настроените медиуми да го следат процесот“, повика Заев.

Тендерот тежок над десет милиони евра на Фондот за иновации и технолошки развој (ФИТР) и натаму ја бранува јавноста. Речиси секојдневно се појавуваат нови и нови имиња што добиле високи суми, фирми што се непознати за јавноста, но со сопственици што и тоа како ѝ се познати на владејачката врхушка. Меѓу добитниците има компании каде удел имаат вицепремиерот Кочо Анѓушев, пратеникот Хари Локвенец од СДСМ, медиуми блиски до власта, снаата на Цветанка Ласкова, која му е советничка за култура на премиерот…

Откако Основното јавно обвинителство отвори истрага за да ги провери евентуалните злоупотреби, припадници на Министерството за внатрешни работи влегоа во просториите на Фондот и бараа материјални докази. Претседателот на ФИТР, Јован Деспотовски најави дека сите компании кои аплицираа за грантови на повикот од Фондот за иновации и технолошки развој ќе бидат повикани во рок од 15 дена да се изјаснат дали во својата сопственичка структура имаат поврзаност со носител на јавна функција. Проектите на фирмите што ќе декларираат такво нешто, како што рече, повторно ќе бидат разгледани од Комитетот за евалуација за утврдување евентуален конфликт на интереси.

Според Деспотовски, ова е една од активностите што ги презема Фондот за иновации по реакциите во јавноста околу распределбата на грантовите со повикот на Фондот на кој аплицираа 235 компании, од кои за 160 е донесена позитивна одлука за доделување грантови, а за 30 за условено вложување.

Деспотовски потенцираше дека сѐ уште не се склучени договорите со фирмите и не се исплатени планираните финансии. Пристигнатите проекти од компаниите на повикот што беше распишан на 27 април годинава и траеше 45 дена, ги оценуваа 80 домашни и пет надворешни експерти. (Г.А.)