Заев на средба со претставници на Дојче Телеком


Премиерот Зоран Заев ги прими денеска Шрини Гопалан, член на Управниот одбор на Дојче Телеком за Европа и главниот извршен директор на Македонски Телеком Андреас Елснер.

Од владината прес-служба соопштија дека на состанокот присуствувале и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски, владиниот претставник во Собранието на акционери на Македонски Телеком – АД Скопје и Горан Трајановски, член на Одборот на директори и кандидат на Владата за главен оперативен директор на Друштвото.

Заев информирал дека Владата интензивно работи на воспоставување стабилна бизнис и инвестициона клима која ќе ја гарантира сигурноста и стабилноста на странските инвестиции.

– На нашата земја и е потребен пораст на домашниот бруто производ поголем од пет проценти и тоа можеме да го постигнеме само со охрабрување на компаниите да инвестираат и да отвораат нови работни места, за да се подобри животот на граѓаните во секој сегмент, рекол Заев, оценувајќи дека Дојче Телеком е многу важен инвеститор во Република Македонија, со кого треба искрено да се соработува и да се гради професионален однос.

На средбата, претставниците на обете страни посочиле дека соработката во областа на телекомуникациите во иднина ќе се интензивира и дека во земјата се чувствуваат услови и подобрена бизнис клима како важен предуслов за ваков тип на соработка.