Заев најавува нови изборни реформи


Изборни реформи што ќе бидат прифатени од сите партии и што ќе ја опфатат и ДИК најавил премиерот Зоран Заев, на денешната средба со Зутер Техада, амбасадорка на Швајцарија во Македонија.
На средбата, како што соопштија од Владата, се разговарало за актуелни политички прашања, како што е зајакнувањето на капацитетите на Државната изборна комисија и изборните реформи, како дел од реформскиот План 3-6-9.

Амбасадорката Техада соопшти дека Швајцарија е подготвена да помогне во зајакнувањето на капацитетите на ДИК, на општинските изборни комисии, како и генерално во изборните реформи.

„Владата е определена за изборни реформи што ќе бидат прифатени од сите политички субјекти во државата. Силно сме посветени на обезбедување независност и капацитетност на Државната изборна комисија, како и на спроведување на сите други потребни реформи за квалитетен изборен процес. Затоа, за нас е прифатлива секоја помош и соработка што може да ги подобри капацитетите на изборните органи и на институциите вклучени во реализацијата на изборниот процес“, рекол премиерот Заев.

На средбата, Заев ја информираше амбасадорката Техада дека ќе се формира Координативно тело, кое ќе работи со претставници на Европската унија, на САД, на швајцарската Влада како и со сите заинтересирани, за подготовка и имплементација на изборните реформи.