Заев најави средба со Ципрас во Атина


Премиерот Зоран Заев планира да ја посети Атина во блиска иднина и да се сретне со грчкиот премиер Алексис Ципрас и со други грчки високи функционери.
„Во моментов ја планирам мојата посета на Атина. Се надевам дека на почетокот на новата година ќе се сретнам со премиерот Алексис Ципрас, со министерот за надворешни работи Никос Коѕиас, со претседателот на Република Грција и со грчките пратеници“, изјави Заев во интервјуто за грчката новинска агенција АНА, дадено во Брисел.

Во интервјуто тој ја повтори заложбата за градење на пријателски односи со Грција врз основа на взаемна доверба, со што ќе се олесни решавањето на прашањето за името на Македонија. Притоа Заев директно повика на “поддршка и помош од грчките граѓани и, секако, од институциите, од грчката влада, опозицијата и од грчкиот парламент”.

Прашањето за името, порача Заев во интервјуто, “е деликатно прашање и не е лесно и за грчките политичари“, изразувајќи подготвеност “да се обидат да се разберат еден со друг и да поттикнат решение што ќе биде взаемно прифатливо”. (Н.В.)