Заев најави средба со коалициските партнери


Премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев најави нова средба со неговите коалициски партнери – ДУИ и Алијансата за Албанците, која би се одржала вечерва и на која би се разговарало за и за пополнувањето на испразнетите места во владата.

Ова Заев го соопшти во изјава за медиумите во Приштина, каде што е денеска во посета.

-Вечерва со коалициските партнери ќе разговараме за отворените прашања, меѓу кои и тоа за Министерството за здравство. Се надевам дека вечерва ќе донесеме одлука“, изјавил Заев.

Не се знае кој точно би присуствувал на средбата на коалицијата, со оглед на тоа што лидерот на Алијансата за Албанците Зијадин Села веќе подолго време не е присутен во јавноста, ниту, пак, се појавува во парламентот, а информациите се дека е на пат надвор од државата.

Алијансата за Албанците има нов предлог за министер за здравство, откако од таа функција замина новиот градоначалник на Гостивар, Арбен Таравари. Челната позиција во Министерството за здравство е испразнета околу два месеци и се уште е неизвесно дали Алијансдата ќе го задржи овој ресор или нејзин кадар ќе ротира на друга позиција во Владата.