Заев: Можна е владина реконструкција


Премиерот Зоран Заев изјави денеска дека можноста за владина реконструкција не е исклучена, доколку, како што рече, кандидатот за нов министер за здравство не е од редовите на Алијансата за Албанците.
„Разговорите со коалициските партнери за избор на новиот министер за здравство се во тек и во опција се повеќе имиња. Реконструкција на Владата ќе има ако биде избран кандидат кој не доаѓа од Алијансата за Албанците“, изјави Заев.
Тој рече дека се надева оти до крајот на оваа седмица ќе биде донесена одлука околу кадровските поместувања во владата по изборите.
„Почнавме разговори со коалициските партнери. Се надеваме дека до крајот на оваа седмица ќе можеме да донесеме одлука. Сите опции се отворени. Моментно,и јас не знам кое ќе биде името, од која политичка партија, кој ќе биде избран од кандидатите. Ако дојде од Алијансата за Албанците тогаш нема да има реконструкција на Владата. Ако дојде од друга политичка партија логично е дека Алијансата останува во владината коалиција и треба да има министерско место. Затоа се отворени сите овие можности за дебата. Пресудни ќе бидат имињата кои ни стојат на располагање и кој ќе ја преземе оваа одговорна функција“, рече Заев.
Тој информира дека добил предлог од Алијансата за Албанците за испразнетото министерско место, но има и други имиња кои сакаат да ги разгледаат.
„Во одлучувањето мора да не води прво името на кандидатот, за да може граѓаните, пациентите, лекарите, медицинската фела да му веруваат. Тоа е минимумот што го очекуваме, а потоа заедно со сите се надевам на успешни реформи во здравството затоа што се неопходни“, рече Заев.
За соработката со Обединети за Македонија, премиерот рече дека со нив имаат коалиција, вклучително и во делот на партиципацијата во извршната власт. За ВМРО-НП рече дека ѝ биле понудени места што не биле прифатени, но остава можност понатаму а разговараат и да бидат составен дел и на извршната власт.