Заев: Македонија има причина да слави, да се издигнеме над делбите


Македонија има причина да слави. Дочекавме големи настани. Ги остваруваме нашите заеднички стратешки цели, нашите заеднички сонови и надежи. Концертите вечерва се покана за обединување со сите наши политички разлики околу остварените стратешки цели на нашата земја – членство во ЕУ и во НАТО.

Ова го порача вечерва премиерот Зоран Заев од Битола каде присуствува на прославата што по повод  добивањето покана за пристапни преговори за членство на Македонија во НАТО ја организира Владата во 15 градови под мотото „Одиме напред, Македонија во ЕУ и НАТО“.

Според него ова се настани што ни се дадени и заслужени како и за тоа да го испратиме во историјата и да го заборавиме еднаш засекогаш синдромот да го порекнуваме успехот на другиот затоа што секој успех е успех за сите нас, за секој граѓанин.

Тој оцени дека тоа што го направи Македонија за само една година е успех за сите без разлика на политичката определба.

– Имаме зошто да славиме и да се издигнеме над делбите. Сега како никогаш досега да си подадеме рака. Сакам да ги повикам сите граѓани и да им порачам денеска силите што не делат не се толку силни  како силите што не обединуваат. Силите што не обединуваат се датумот за преговори со ЕУ и поканата за членство во НАТО. Тоа се силите што ни ја отворија иднината, истакна Заев.

Повикувајќи ги граѓаните сами да си одговорат на прашањето каде бевме пред една година, каде сме денеска рече Македонија е слободна земја, секој граѓанин самостојно одлучува и ќе одлучува за својот став.

– Ве повикувам уште еднаш и ќе ја повикувам опозицијата отсега па понатаму секој ден – ајде да ја избереме македонската иднина, нашата заедничка иднина. Ајде да престанеме со сеење омраза, да се издигнеме над делбите и разликите заради нас, заради нашата држава и заради иднината на нашите и на следните генерации, порача премиерот.

На новинарско прашање во врска со наредните владини активности, претседателот на Владата рече идната недела е недела за разговори.

– Завршија дипломатските посети и сега со поканата во раце можеме да седнеме сите политички лидери да разговараме за она што попречува за успешно спроведување на референдумот на којшто граѓаните ќе го искажат својот слободен став за размислување. Верувам дека како одговорни политичари пречките за ДИК и за други процеси ќе ги решиме во најбрз можен рок и во тоа име се надевам дека ќе им овозможиме големо демократско право, нашите граѓани после 27 години од независноста како што одлучуваа за независноста во 1991 конечно ќе имаат прилика да одлучат за каква иднина се залагаме и каква иднина ќе им оставиме на сегашните и генерации што доаѓаат после нас, изјави премиерот Зоран Заев вечерва во Битола.

Освен во Битола и во Скопје, прослави се организираат уште во 13 градови. Од Владата најавија дека во понеделник ќе соопштат колку чинеле вечерaшните прослави во кои учествуваат повеќе од 40 уметници.