Заев-Курц: Веруваме дека Макрон ќе донесе проевропска одлука


Република Австрија и дава силна поддршка на Република Македонија за отворање претпристапни преговори со Европската унија, истакнал австрискиот канцелар Себастијан Курц на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Зоран Заев во Виена.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, денеска остварил тет-а-тет средба со Курц, по што следувал работен ручек на владините делегации и заедничка прес-конференција.

Канцеларот Курц истакнал дека Македонија заслужува од ЕУ отворање претпристапни преговори. Тој најавил дека Австрија ќе направи се што може, ЕУ Советот да донесе позитивна одлука за Македонија.

Курц ги повикал граѓаните на Република Македонија на претстојниот референдум во нашата земја да го поддржат договорот со Грција, што ќе значи интеграции на Македонија.

Премиерот Заев се заблагодарил за отворената поддршка од канцеларот Курц.

Премиерот Заев на прес-конференцијата изразил благодарност до Курц и до австриската Влада за пријателскиот пречек на делегацијата на Владата на Република Македонија, како и за пораките на поддршка за Македонија што ги пренел на средбата и на работниот ручек.

– Ова е доказ повеќе дека Македонија, во Австрија, има вистински, голем и искрен пријател, за што ви се заблагодарувам од име на граѓаните на мојата земја. Од име на граѓаните на Република Македонија и ви ја честитам стогодишнината од основањето на Република Австрија, којашто како држава имала, и има и денес, важна улога во политичките регионални процеси, истакнал Заев.

Важно е, како што посочил македонскиот премиер, охрабрувањето што го слушнале денес од првиот човек на Владата на Австрија, на два дена пред Советот на министри на ЕУ, дека Австрија поддржува отпочнување преговори на Македонија со ЕУ.

– Австрија го презема претседавањето со Советот на ЕУ од 1 јули годинава, за што исто така честитам. И искрено верувам дека за време на австриското претседателство, земјите членки на ЕУ ќе ја усвојат препораката на ЕК за започнување на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ, нагласил шефот на македонската Влада.

Очекуваме, нагласил Заев, позитивна вест за Македонија и одлука со датум за отворање на пристапните преговори од Советот на министри, по силната реформска ориентираност и добрососедските политики на коишто се посветивме и за што, како што додал, добивме силни охрабрувања и од првите луѓе на Европската унија.

– Очекуваме и Македонија да биде следната 30-та земја членка на НАТО, за што не охрабри генералниот секретар на НАТО, Столтенберг. Македонија е добра вест за Балканот и јас испраќам оттука и уште една важна порака, рекол Заев.

На Македонија и на регионот, како што вели, им се потребни евро-атлантските интеграции, поради политичката стабилност и безбедност, но и поради економскиот развој што се отвора за нашата држава и за Западен Балкан.

– Воедно, евро-атлантските перспективи им се потребни и на Европа и на демократскиот свет, бидејќи тие значат стоп за домашните и странски дестабилизирачки влијанија што евидентно постојат, вели Заев.

Тој потенцирал дека Република Австрија е значаен инвеститор во Република Македонија и дека се бележи зголемување на трговската размена.

– Но како што се согласивме со канцеларот Курц, има простор и драго ми е за определбата да ја продлабочиме економската соработка, во интерес на граѓаните на двете држави, додава македонскиот премиер.

Заев ги поздравил најавите дека фокусот на австриското претседателство, како и на бугарското досега, останува на евро-атлантските перспективи на Западен Балкан.

Одговарајќи на новинарски прашања околу ставот на Франција за добивањето датум за почеток на преговори со Македонија, премиерот Заев истакнал дека ја разбира внатрешната дебата во Франција околу проширувањето, но дека Македонија не бара веднаш да стане членка на ЕУ, туку да продолжи мотивацијата од ЕУ и европското однесување.

– Верувам дека претседателот Макрон ќе донесе одлука за продолжување на мотивацијата, одговорил  Заев.

Австрискиот канцелар Курц изразил верување дека претседателот Макрон ќе донесе проевропска одлука и дека се надева на позитивна одлука од Франција, за да не дојде до застој на регионот.

На прашањет за противењето на претседателот Иванов на договорот со Грција и проценките за исходот од референдумот ако Македонија не добие датум, премиерот Заев изразил оптимизам дека референдумот ќе успее, а одлуката на граѓаните ќе мора да ја почитуваат сите.

– Ако ЕУ не даде датум ние нема да се откажеме од европските вредности, но ова прашање е причина зошто Франција и ЕУ треба да се однесуваат мотивирачки кон мојата земја, одговорил меѓу другото премиерот Заев на заедничката прес-конференција со канцеларот Курц во Виена.