Заев и Села не се договорија, новите министри утре во Парламент


Речиси три месеци по локалните избори, по кои се испразнија неколку министерски позиции во владата на Зоран Заев, но и по неколкунеделните најави токму од премиерот дека многу скоро ќе има дополнување на првиот и вториот ешалон во извршната власт, неколкуте „слободни“ места се уште стојат празни.

Веќе три месеци испразнето е министерското столче во здравството, како и две фотелји на министри без ресор и едно заменичко министерско место.

Премиерот Зоран Заев во петокот вечерта во емисијата „Ноќно студио“ на телевизија Телма изјави дека предлозите за испразнетите министерски места се испратени до Собранието на Република Македонија и оти предлогот на Алијансата за Албанците за министерското место за здравство бил неприфатлив.

За предлогот за министер за здравство да биде назначен Венко Филипче, премиерот Заев рече дека станува збор за човек којшто ќе ги спроведе реформите во здравството.

Пред три дена, на долго најавуваната средба со премиерот Заев, лидерот на Алијансата на Албанците Зијадин Села не го прифати понуденото вицепремиерско место за реформи во Владата во замена за позицијата министер за здравство.

Села во четвртокот изјави дека Алијансата на Албанците останува на своите ставови за задржување на министерското место за здравство, кое остана празно откако Арбен Таравари стана градоначалник на Гостивар.

Села, притоа, не кажа дали ќе излезат или ќе останат во владината коалиција.

– Имавме средба со премиерот. Јавноста веќе е запознаена за што се работи. Ние остануваме на нашите ставови дека нема да прифатиме позиции кои се токмат преку ноќ и да се омаловажува Алијансата за Албанците. Такво нешто нема да прифатиме. Му дадов предлог на премиерот да стокми уште една позиција за што би било заменик премиер за носење бурек и после таа позиција ќе и ја дадам на ДУИ за да именуваат некој нивен министер. Ние остануваме на нашите ставови дека ќе го држиме Министерството за здравство и нема да правиме договори и наддоговори. Договорот за формирање Влада е направен кога се направи Владата, изјави Села.

Тој уште еднаш потврди дека кандидат на Алијансата на Албанците за министер за здравство е Вулнет Ферати.

– Бевме главни актери во падот на режимот и уште ќе бидеме фокусирани и остатоците од тој режим, кои се останати во оваа Влада, да сносат одговорност пред лицето на правдата, рече Села, додавајќи дека правдата е целосна ако се однесува на сите.

Централното Собрание на Алијансата за Албанците денеска во Гостивар ќе одржи редовен состанок на кој ќе се разгледуваат состојбите во партијата и ќе се направат подготовките за партискиот конгрес.

Партиски извори за МИА брифираа дека меѓу темите ќе биде и одлуката дали Алијансата за Албанците ќе остане во владината коалиција.

Од Владата во вторникот официјално објавија дека за министер за здравство е предложен Венко Филипче, актуелен советник на премиерот Заев.

И вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи изминатава недела изјави дека ќе има само пополнување на испразнетите министерски и оти нема да има поголема реконструкција на Владата.

Артан Груби од ДУИ исто така најави дека заменик министер за образование и наука ќе биде Арбр Адеми и потенцира дека „ситуацијата е решена, и оти парламентарното мнозинство е стабилно и без и со партијата на Зијадин Села“.

Али Ахмети, лидерот на ДУИ во средата во интервју за ТВ21 ја нарече Алијансата несериозна партија која има само два пратеници.