Заев и Рама ги посетија Македонците во Пустец


Претседателот на Владата на Република Македонија Зоран Заев заедно со неговиот албански колега Еди Рама денеска беше во посета на општината Пустец во Албанија, каде се сретнаа со жители на општината, се запознаа со нивните барања и реализираа повеќе заеднички активности.

Како што соопштија од владината прес-служба, двајцата премиери прво разговараа со раководителите, наставници и ученици во едно од училиштата во општината, С.У. „Трајан Горѓиовски и Митре Колевски“. На средбата со премиерите и министрите на двете земји, учениците ги поздравија со рецитали на македонски и албански јазик. Тука премиерот Заев донираше книги и работни материјали за учениците, што ги поделија заедно со премиерот Рама. Потоа Заев и Рама имаа заеднички состанок со преставници на општината Пустец, заменик градоначалникот и советниците, кои ги објаснија приоритетите за коишто очекуваат поддршка. Еден од нив е и реновирање на училиштето, за што премиерот Рама се обврза дека ќе биде реновирано, како и дека општината ќе добие поддршка во комуналните проекти и проектите за локален развој што беа посочени на средбата.

Премиерот Заев изрази благодарност до премиерот на Албанија, Еди Рама, за грижата што ја покажува за граѓаните во Албанија со македонско етничко потекло. – Ова е начин да ги отвораме и да ги решаваме прашањата. Присуството на двајцата први луѓе на извршната власт во Македонија и во Албанија, тука во Пустец е голема симболика за унапредувањето на односите меѓу двете земји, бидејки малцинските заедници се мостот на таа соработка, и грижата за нив е од големо значење. Се работи за две држави европски ориентирани, што се подготвени да ги негуваат малцинските прaва.