Заев и Борисов ќе одржат заедничка владина седница


Македонија и Бугарија денеска во Струмицаќе ја одржат првата меѓувладината седница. Со седницата ќе заседаваат двајцата премиери Зоран Заев и Бојко Борисов, а ќе бидат потпишани и неколку договори и меморандуми.

Во фокусот на разговорите ќе биде напредокот на добрососедските односи меѓу Бугарија иМакедонија, како и други теми од заеднички интерес со цел зајакнување на дијалогот и партнерството меѓу двете земји.

Ќе се разгледуваат можностите за активирање на односите меѓу министерствата за надворешни работи, интеракцијата и меѓусебната помош при катастрофи, поддршка во обуката и подготовка на војниците од вооружените сили на Република Македонија, соработката во областа на телекомуникациите, инвестициите и енергетиката.

Планирано е и усвојување на заедничка декларација како знак на одбележување на добрососедските односи меѓу двете земји.

Претставниците на двете влади ќе положат свежо цвеќе пред споменикот на Борис Трајковски, а бугарската влада ќе има и донација за општина Струмица.

Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија. Договорена е и заедничка седница на македонската Влада со Владата на Република Србија, кон крајот на февруари или почетокот на март идната година.