Заев има мнозинство и без Беса


Преговорите меѓу премиерот Зоран Заев и крилото на Беса предводено од Билал Касами ни вчера не донесоа напредок, но владеачкото мнозинство ги има потребните 80 гласа и без двата пратеника на албанската опозициска партија. Ова се последните информации што вчера попладне кружеа по собраниските ходници додека се чекаше почетокот на седницата за последната фаза од уставните измени. Неколкуте одлагања на стартот – закажан во 13 часот, па два пати одлаган и на крајот презакажан за денеска – сигнализираа напрегната атмосфера во обид да се стигне до договор со Касами.

Имаме мнозинство, преговараме за 86

Не одат добро работите, премиерот им рече дека не може да ги прифати нивните барања и им остави самите да одберат дали ќе гласаат ‘за“ уставните измени“, гласеше првата неофицијална информација за преговорите со Касами.

Во тој период, собраниското бифе беше преполно со пратеници, кои ручаа и чекаа седницата да почне. Таму беше и премиерот Зоран Заев, како и министерот за надворешни работи, Никола Димитров. Тие седеа на маса заедно со други пратеници од власта, како и со дел од независните. На друга маса беа Крсто Мукоски и Сашо Василевски. Пратениците влегуваа и излегуваа од ресторанот, каде се почитува забраната за пушење цигари.

Премиерот цел ден има состаноци со пратеници од речиси сите групи. Беше на посебна средба со независните, па со пратеничката група на СДСМ и на коалицијата, другите коалициски партнери… Во овој момент, имаме сигурно мнозинство од 80 пратеника дури и да не се постигне договор со Беса, а преговараме и се надеваме оти на крајот ќе го завршиме процесот со 86 пратеника“, ни рече функционер на Социјалдемократскиот сојуз.

Ако се знае со сигурност дека пратеникот Панче Минов, кој активно учествуваше во подготовка на амандманите за уставните измени, ќе премине од опозицијата на страната на власта, нејасно беше кој од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ преговара да го смени дресот?

За тоа време, во најголемата опозициска партија се подготвуваа за излегување на протестот што течеше на булеварот пред зградата на Собранието во центарот на Скопје. Се собра многу мал број на луѓе, па затоа и околните улици беа пуштени за сообраќај, за разлика од средата. И тие со нетрпение го очекуваа стартот на седницата, поради што се одложуваше и доаѓањето на раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со претседателот Христијан Мицкоски.

Знам дека се чувствувате измамено и луто. Тоа им е целта, да помислите дека сѐ е готово и да продолжите понатаму. Главите горе, тие сакаат да биде крајот, но нека биде крајот на почетокот на нивното заминување. Достоинството никогаш не може да ни го земе. Меѓу нас нѐ има со различни ставови, погледи и чести несогласувања, но мораме сето тоа да го ставиме на страна, бидејќи имаме една цел. Потребно е масовно обединување, љубовта кон татковината е посилна од сите омрази. Го менуваат името и идентитетот, а тоа го направија со уцени, притисоци, амнестии… А притоа имаа помош од СЈО и од Вилма Русковска. Ветувам дека јас лично и ВМРО-ДПМНЕ ќе сториме сѐ овој договор да не се случи. На секоја средба, во секоја прилика ќе го повторувам тоа. Не ветувам дека ќе успеам, но ќе сторам сѐ да биде така. Северна не е мојата татковина“, рече, меѓудругото, Мицкоски во својот говор.

Или 80 гласа или ќе понесам одговорност

Во недостиг од официјални информации, во политичките кругови се вршеа математики кој од која партија би можел да биде предавник. Власта смируваше дека една од пратеничките што била отсутна во ситуација кога секој глас е потребен – била болна и оти таа ќе присуствува на седницата кога ќе дојде моментот на одлука. Во ВМРО-ДПМНЕ потенцираа оти сите нивни пратеници, вклучително и оние што имаат работа со Специјалното и со Основното обвинителство поради што би биле полесна цел за договор со власта, уверувале оти ќе го почитуваат ставот на партијата и нема да гласаат. Но, така беше и на 19 октомври кога се реализираше првата фаза од процесот, а осуммина пратеници од нивната коалиција во последен момент се премислија и дигнаа рака. Подоцна следуваа исклучувања од партијата и познатите процеси за амнестии. Исклучувања ќе има и сега доколку некој го изневери партискиот договор.

Всушност, вчера низ јавноста имаше разни сугестии до ВМРО-ДПМНЕ со само еден удар, односно преку обезбедувањето на потребното двотретинско мнозинство да го реши анимозитетот со Албанците, да се смири со меѓународната заедница и да се прикаже како конструктивен фактор. Во „белиот двор“ ги оценија ваквите предлози како несериозни, објаснувајќи оти нема играње со националните интереси.

Претседателот на владата, пак, утрото рече дека вкупната бројка на пратеници кои ќе ги поддржат уставните амандамни ќе се знае во моментот на гласањето. Очекува тоа да се види уште при гласањето за првиот амандман во Собранието.

Одговорноста на крајот е на пратениците и верувам дека ќе најдат сили да се соберат две третини за да се изгласаат амандманите, бидејќи потоа следува и гласањето во грчкиот парламент“, рече Заев.Тој рече дека е подготвен да преземе одговорност доколку договорот за името со Грција не помине во македонскиот парламент.

Секој треба да ја преземе одговорноста за процесот. Ако нема мнозинство, следува Централен одбор на СДСМ и понесување одговорност. Ставивме сѐ на оваа карта. Во политиката, како што се земаат ловорики, така се понесува и одговорност. Немам предрасуди, дојде моментот на одговорноста. Или ќе нѐ има 80 или ќе следува одговорност“, подвлече премиерот Заев.

Денешната седница е закажана за 12 часот, за кога се закажани и нови протести пред зградата на Собранието.

Горан Адамовски