Заев: Еден од владините приоритети е ефикасна борба против корупцијата


Еден од приоритетите на Владата е токму транспарентното водење на политиките, како и правилно функционирање на судскиот систем, ефикасна борба против корупцијата, но и почитувањето на човековите права, истакна премиерот Зоран Заев денеска на отворањето на конференција насловена „За општество ослободено од корупцијата“.

Говорејќи за Предлог-законот за борба против корупцијата, во кој се опфатени препораките на Европската Унија и извештаите на Прибе и на ГРЕКО, рече дека со него се зајакнуваат условите за избор и именување на членовите на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), со јавно интервју пренесувано на собранискиот ТВ канал и со прецизирани причини за нивно разрешување.

-Усвојуваме нов закон за спречување на корупцијата што го подготвуваме со граѓанските организации за да ја оствариме заедничката цел, а тоа е изградба на независно тело за борба против корупцијата. Овој закон е усвоен на седница на Владата и по неговото донесување во Собранието, очекуваме законодавниот дом согласно новите критериуми да започне постапка за избор на претседател и нови членови на ДКСК, рече Заев.

Со новиот закон, како што посочи премиерот, се проширува и надлежноста на следење на финансирање на политичките партии, а се прецизира и правото при проверка на податоците од изјавите за имотната состојба и интересите ДКСК да бара податоци за физички, но и за правни лица од банки и други финансиски институции, при што доставувањето на бараните податоци нема да претставув аповреда на банкарската тајна.

Во контекст на тоа додаде дека на Предлог-законот му претстои собраниска расправа како можност за дополнително усовршување и усогласување на законскиот текст.

Премиерот најави дека наскоро целиот институционален и законски систем за превенција и борба против корупција ќе биде во функција, а во меѓувреме го прават она што го дозволуваат сегашните можности.

-Веќе се разгледуваат резултатите од имплементацијата на нашиот концепт за отворена и транспарентна Влада. Според индексот на отвореност Владата на РМ како централно-извршно тело е на прво место во регионот со 76 отсто исполнување на индикаторите, рече Заев и додаде дека ова го потврдило истражувањето за отвортеност на институциите за извршаната власт во ЈИЕ и во Македонија.

Со воведувањето на алатката за отчетност на трошоците на носителите на јавните функции, како што посочи Заев, јавноста доби увид за трошењето на функционерите.

-Сега премиерот и министрите прават трипати помалку трошоци за непродуктивни активности. Ја менуваме перцепцијата во јавноста во насока дека постои политичка волја и подготвеност на Вадата за справување со корупцијата во Македонија, рече Заев и додаде дека тоа го покажале во повеќе случаи кога во јавноста се покренати сомневања за судир на интереси или несовесно работење.

Премиерот истакна дека во последните 12 месеци заштедиле повеќе од 100 милиони евра само заради транспарентноста во постапките при јавните набавки.

Професорката Мирјана Најчевска на конференцијата истакна дека се залага за мораториум на нови закони, додека не се почне со вистинско спроведување на постоечките.

-Не можеме да го ослободиме општестото од корупција, можеме да ја намалиме и ограничиме корупцијата, но не мислам дека граѓаните се должни да се борат против корупцијата. Тоа е задача на владеачката структура, да се избори против корупцијата, доколку навистина го сака тоа. Моќниците ги корумпираат граѓаните, а не обратно, рече Најчевска.

Ване Цветанов од „Зелена лупа“ рече дека корупцијата е тешка тема која е канцер на секое општество и дека должност на секој од нас е да се бориме со неа.

Тој истакна дека потребно е секоја институција на секое ниво да покаже промени, понатаму, самоиницијативност на органите на прогон, повисок степен на одговорност кај независните тела, зајакнување на системот во делот на мерката за конфискација.

Претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала посочи дека ова е првата од низа активности со кои ЦИВИЛ ја започнува борбата против корупцијата како еден од горливите проблеми во општеството

Тој се осврна на човековите права и слободи и нивното кршење во спрега со една од најнегативните општествени појави – корупцијата.

-Институциите во Македонија се уште страдаат од високо ниво на корумпираност. Гледаме дека е високо нивото на корумпираност во здравството, образованието, па дури и во она институција што беше задолжена за борба против корупцијата, рече Дерала.

Тој посочи дека предизвикот во борбата против корупцијата е во институциите, но тука не треба да се изостават и политичките партии кои, како што додаде, се мотор на корупцијата.

На конференцијата, што се одржа  во организација на ЦИВИЛ – Центар за слобода и „Зелена лупа“ беа присутни претставници од дипломатските преставништва во земјата, министри, експерти, претставници на политички партии и невладини организации.