Заев: Добивме чист датум за почеток на преговори, скринингот почнува околу 20 јули


Премиерот Зоран Заев вечерва изјави дека Македонија доби чист датум за почеток на преговори со ЕУ и оти околу 20 јули, со посета на еврокомесарот Јоханес Хан, ќе започне процесот на скрининг по поглавја.

– Добивме чист датум за почеток на преговорите, и да нема повеќе дилеми, да ги затвориме тие дебати, втората половина на јули тоа е буквално од утре го почнуваме скринингот со посета на комесарот Хан. Тоа само по себе е доказ дека почнуваат сите процедури за преговарачкиот процес. Верувам дека Македонија навремено ќе ги изоди сите овие чекори. Јас сум среќен со датумот. Нашето очекување е комплетно и целосно, рече премиерот Заев во Топ Тема на Телма ТВ.

Заев, кој во Брисел присуствува на Кран Монтана процесот, кажа и дека Македонија е подготвена за преговори и оти се што се прави во реформите во правосудството, во медиумите, во јавната администрација, во безбедноста, е целосно координирано со Европската комисија и Европската делегација.

– Ние така и ќе продолжиме, рече тој оценувајќи дека на Македонија и требаат брзи реформи за граѓаните да можат да ги почуствуваат промените.

Премиерот е убеден дека оваа одлука на Советот за општи работи на ЕУ за доделување датум за отпочнување преговори во јуни 2019 година, е силна мотивација и не обврзува сите граѓани не само него, администрацијата, туку и граѓаните, судиите, медиумските работници, безбедносните служби… реформите да се завршат експедитивно.

По констатацијата дека сето ова нема да важи доколку граѓаните кажат „не“ на референдумот за Договорот за решението за спорот со името со кој се предвидува името на земјата да биде Република Северна Македонија, Заев рече дека идната недела ги очекува првите податоци од новите анкети на јавното мислење.

– Македонија се што очекуваше и го доби на најпосакуван начин. Мене ми е драго покрај внатрешната дебата за проширувањето, сепак едногласно на крајот застанаа земјите – членки уште во вторникот со одлуката на Советот на министри, денеска тоа е потврдено со Европскиот совет, рече Заев.

Македонија нема друга опција, според него, Македонија треба, мора и сака да биде членка на НАТО и да има успешен преговарачки процес за влез во ЕУ.

– Верувам многу во граѓаните на Република Македонија дека ќе бидат исто големи оптимист дека овие две наши цели се достижни, рече премиерот.

Заев утро рано изутрина ќе има средба со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.

– Утре рано наутро имам состанок со генералниот секретар на НАТО Столтенберг. Тоа што го чекавме 2008 во Букурешт ние ќе го добиеме на 11 и 12 јули овде во Брисел на НАТО самитот, а тоа е покана за членство во НАТО, кој почнува со тримесечен скрининг период и после тоа е покана за пристапување кон ратификација на протоколот од земјите членки на НАТО, рече Заев.

Во врска со тоа дека Македонија има проблем со некои институции, како што е на пример нефункционална Антикорупциска комисија, Заев рече дека мора да имаме функционални институции.

– Тоа е предизвик на сите фактори кои што носат одговорност  без разлика дали се власт или опозиција, да засукаат ракави и да носат одлуки во Македонија. Европа пружи раце, заслужни сме за тоа сите. Тоа е резултат на работењето сите овие години. Јас дочекав веројатно да ја водам Владата кога се случуваат овие работи, рече премиерот.

Во однос на прашањето за корупцијата и Антикорупциската комисија, премиерот кажа дека се подготвува нов закон.

 

Заев изрази очекување Парламентот наредните денови да ги избере кандидатите за Антимонополската комисија, да бидат воспоставени и другите механизми на контрола, потоа да се донесат судските реформи од втората фаза со што ќе има голема транспарентност и потврдена независност на судството, што поскоро да биде избран и новиот директор на ОТА за таа да профункционира…

– Сега зависи од нас, од Македонија. Нема повеќе што да се жалиме. Никој повеќе не не блокира. Европа со консензус е за нас, и верувам дека ние како граѓани ќе испорачаме затоа што сите искрено веруваме, рече премиерот Зоран Заев.