Заев: Деловникот е јасен, процесот треба да заврши во втората половина на јануари


Премиерот Зоран Заев очекува да бидат запазени сите рокови за процесот за донесување на уставните амандмани, што се обврска согласно Договорот од Преспа.

-Деловничките рокови се јасно определени. Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт амандманите и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно Деловникот, и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари, рече Заев на новинарско прашање по обраќањето на симпозиум на тинк тенкови од Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Тој смета дека вчера имале квалитетен работен состанок со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на кој добиле конкретни сугестии, што верува дека ќе бидат вградени во самите текстови.

-Ќе ги консултираме уште еднаш за тоа што сугерираат, да го видат преточено во текст, како тоа изгледа, и ако го дадат пасот продолжуваме со следните чекори, рече Заев.

Додаде дека за процесот со уставни измени е консултирана и грчката страна.

-Знаете дека е консултирана и грчката страна. Тоа не е обврска од Договорот, но во духот на партнерството и пријателството ред е да презентираме што македонскиот Парламент ќе одлучува во периодот што доаѓа, затоа што е тоа нацрт фаза и во текот на расправата по самите уставни амандмани може да се надополнуваат со амандмани. Значи, на јавната расправа и на конечната верзија на амандманите што ќе дојдат. Верувам дека до петок ќе стигнеме со сите неопходни консултации, истакна премиерот Заев.

Рече дека е во редовна комуникација со грчкиот премиер Ципрас и оти двајцата не очекуваат пролонгирање на процесот, бидејќи, вели, ниту тие, ниту ние, имаме корист од тоа. Колку побрзо се завршат обврските во Парламентот кај нас и кај нив толку побрзо се остава простор за граѓаните да ги видат бенефитите од Договорот.

Тој изјави оти не верува дека ќе се случи блокада од страна на опозицијата на процесот во Собранието оти вели нема потреба за тоа.

-Нема потреба за тоа иако има одредени шпекулации за таква работа. Јас лично не верувам дека тоа ќе се случи затоа што не ја гледам целисходноста на самата блокада заради јасно прецизираните деловнички рокови што постојат во таквата постапка, рече Заев.

Запрашан во врска со тоа дали ќе бидат разгледани предлозите на БЕСА.

-Јас ги разбирам потребите на луѓето да отворат дебата, да дадат предлози посебно креативноста на опозицијата и слично, но на крајот знам дека никој нема право и нема да направи каква било условеност на интеграцијата на Македонија во НАТО и ЕУ. Веројатно нема да дозволиме ширење на Пандорината кутија. Тоа го знаат сите, а ред е и јас да го потврдам. Парламентот е конечно тој што одлучува. Ние сме само предлагачи. Но, во рамки на сите овие работи јас секогаш стојам на располагање да градиме едно општество за сите за што сите се залагаме, а не да се обидуваме на поинаков начин кога се носат крупни одлуки зад кои сите стоиме, кои се наши програмски определби, како политички партии застапени во Парламентот и стратешки определби како држава да бидат загрозени во самот процес на одлучување, рече Заев.

Тој изрази увереност дека во процесот на помирување ќе се приклучат сите пратеници од опозицијата, оти вели така е добро за Македонија.

– Бројката од 80 пратеници не се доволни, не затоа што Заев тоа го сака. Знааат и тие дека ова е историски момент за Македонија. Треба да се вградат, да ги донесеме заедно одлуките, и да ги засукаме ракавите да работиме на економијата, реформите за подобар живот на граѓаните, рече Заев.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на вицепремиерот Османи дека дел од оние кои биле вклучени во настаните од 27 април можеби биле колатерална штета и оти не е исклучена можноста за нив да има амнестија, шефот на Владата подвлече дека се залага за процес на помирување.

-Секој може да има свој аспект, ние сме демократска влада. Јас го почитувам начинот на разгледување, на посветеност да се постигне конечната цел, а тоа е еден вид национално обединување-интеретничко и интраетничко што ни треба во Македонија. Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија. Помирувањето, како процес, ќе го видите преку едно координативно тело во Собранието каде што ќе работи на севкупното сегашно помирување, но и перспективите што се отвораат пред Македонија. Како ќе се носат одлуките ние тоа ќе го соопштуваме во јавноста, но едно знам – настаните од 27 април се одлична можност да го изградиме тоа помирување. Има многу убави и демократски познати модалитети како тоа да се прави, но низ системот, низ ова координативно тело, треба токму тоа да го правиме. Тоа е само еден мал сегмент затоа што е добро што почнува од Парламентот како врв на демократијата и највисока институција во РМ за да може да го очекуваме и по вертикала надолу до општините, па дури до последната клетка на нашето опшетство, а тоа е семејството, рече Заев.

За прашањето за вклучување на Охридскиот рамковен договор во преамбулата на Уставот тој рече дека ова не е утврдено прашање и допрва ќе се разговара или се разговара на потпретседателско ниво.

– Знаете дека бев посветен на разговорите со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери За подобра Македонија за да можеме да го направиме инклузивниот процес што го ветивме во рамки на разговорите што се случија како резултат на конечната цел – гласање за отворање на потребата за уставни амандмани. Охридскиот рамковен договор е составен дел од Уставот на РМ. Тој веќе е вграден по потпишувањето на Рамковниот договор. Сакам да упатам порака дека инклузивноста на процесот е важна, но притоа не смееме со своите амбиции да го застанеме целиот процес и го минимизираме времето неопходно за донесување на сите неопходни чекори што се проектирани некаде за средината или втората половина на јануари. Ќе разговараме за сите детали. Мене ми е многу важно прво да го исполниме договорот. Тоа е суштината на уставните промени, а во рамки на таа суштина веќе гледам дека имаме многу внимателен начин на предлагање на дополнението на уставните амандмани што ќе го гарантираат идентитетот, потребата од верификација или ратификација на договорот од грчка страна, како и внатрешната примена што сето е во духот на договорот. Пратениците вкупно 80 кои дадоа глас за да се отворат уставните промени се важни. Секако со нив ќе разговараме и доколку е тоа прифатливо за сите ќе ги продолжиме процесите вклучително и за ваквите изјави кои ги слушнав од медиумите, рече Заев.