Заев: Груевски е кукавица, нема договор со него (ВИДЕО)


Премиерот Зоран Заев ги отфрли сите како што рече „шпекулации за каков било политички договор со Груевски“.

Заев очекува тој да биде екстрадиран во земјава и да ја отслужи двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“ на СЈО, односно за набавката на „мерцедесот“ од 600 000 евра.

„Каков кукавица е тој кој што цело време велеше дека за Македонија е спремен да оди во затвор без разлика што ќе се случи, само да не бидат сите други таргет, е спремен да ја прифати одговорноста и слично, дојде моментот за прифаќање на одговорноста, избега како кукавица надвор од државата, обидувајќи се претходно да добие нови аболиции. Тоа само по себе потврдува дека е виновен за тоа за што е осуден. Ќе направиме сѐ што е во наша надлежност да го вратиме назад Груевски“ рече Зоран Заев, на заедничка прес конференција со колегата од Малта, Џозеф Мускат.

Според него, МВР постапило исклучиво согласно законот.

„Како и за секој човек без наредба на судот Министерството не може да пристапи во негово следење, набљудување и слично, затоа што логично беше, по сите аспекти на она што беше видливо за јавноста, дека се чека упатниот акт да биде прифатен и да оди на отслужување на казната затвор. Без наредба МВР не може ниту вас, ниту мене, ниту на кој било граѓанин да му пристапи. Груевски беше присутен на седници во Собранието, не го кажувам ова затоа што ние не би требало да бидеме поподготвени, повнимателни, туку поради тоа што тоа испраќа сериозна порака дека не треба да правиме ништо повеќе од тоа што законот го пропишува. Од таков аспект морам да кажам дека строго е постапено по закон, на еден внимателен и демократски начин“, истакна Заев.

Заев очекува дека Унгарија , како земја членка на ЕУ нема да штити криминалци кои направиле штети врз граѓаните на Република Македонија и ќе се побара екстрадиција за Груевски.