(ВИДЕО)Заев го пречека Борисов во манастирот Водоча


Со тет-а-тет средба на премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов, во манастирот Водоча кај Струмица почнаа серија активности во рамки на денешната заедничка седница на владите на двете земји. Заев и Борисов по разговорите во Водоча ќе положат цвеќе пред споменикот на поранешниот претседател Борис Трајковски во центарот на Струмица.

https://www.facebook.com/boyko.borissov.7/videos/2085156271712432/

Потоа се очекува пленарното заседание во Домот на АРМ во Струмица. Од бугарска страна на седницата ќе учествуваат вицепремиерите Томислав Дончев, Красимир Каракачанов и Екатерина Захариева, министрите Валентин Радев, Николај Нанков, Нено Димов, Румен Порожанов, Ивајло Московски, Емил Караниколов, Теменужка Петкова и Николина Ангелкова. Се очекува да бидат потпишани девет документи за билатерална соработка во областа на надворешната политика, инвестициите, енергетиката, одбраната, туризмот, телекомуникациите, инфраструктурата и за реакции при природни катастрофи.

Во текот на седницата треба да биде потпишан и меморандумот за разбирање меѓу Министерството за транспорт, информатичка технологија и комуникации на Бугарија и македонското Министерство за информатичко општество и администрација за намалување на меѓународните тарифи за роаминг за телекомуникациски услуги, што го одобрија вчера владите на двете земји. Договорите се дел од исполнувањето на Договорот за пријателство, соработка и добрососедство потпишан на 1 август годинава во Скопје. Предвидена е и церемонија на врачување на специјализирано превозно средство за лица со попреченост, донација од Бугарија за општина Струмица.

Ова е прва меѓувладина седница што ја одржува Владата на Заев со Влада на држава од соседството. Во декември во Подградец е договорена и заедничка владина седница меѓу Албанија и Македонија, а во февруари или почетокот на март и со Србија