Заев: Го поддржуваме Косово, но и Србија ни е сосед


Со највисоки државни почести првиот човек на македонската влада, Зоран Заев, беше пречекан вчера во Приштина од страна на домаќинот, премиерот на Косово Рамуш Харадинај. Премиерот Заев, со посетата стана првиот македонски премиер кој официјално го посети Косово по неговото осамостојување во 2008 година. По средбата, Заев внимателно и умерено одговори на новинарското прашање дали Македонија ќе го поддржи Косово за полноправно членство во УНЕСКО.

„Знаете дека прашањето е сложено, не знаеме точно кога ќе се решава. Јас се надевам дека паралелно со тоа ќе се решаваат и билатералните односи меѓу Косово и Србија. Секако, ние даваме голема поддршка за дијалогот што е отворен помеѓу Приштина и Белград,а во функција на тоа е и решавањето на сите овие прашања. Косово треба да смета на поддршката на Македонија во сите свои процеси, но истовремено знаете дека и Република Србија е наш сосед“, изјави премиерот Заев.

Премиерите Заев и Харадинај, исто така се согласија дека за целосно расветлување на настаните во Диво Насеље потребна е меѓународна истрага.
„Секако, ова е чувствително прашање што не е предизвикано ниту од Зоран Заев ниту од Рамуш Харадинај. Граѓаните на двете земји заслужуваат да ја знаат целата вистина. Наш заеднички став е дека дека треба да има меѓународна истрага или да бидат поканети меѓународни претставници кои ќе ги соочат сите елементи и ќе ги дадат одговорите на прашањата на граѓаните на Република Косово и Република Македонија. На ова прашање гледаме како на можност што не смее да биде пречка за унапредување на соработката меѓу двете земји и убедени сме дека заради интересот на јавноста и потребата на граѓаните, ќе одработиме за да може граѓаните да ја знаат целата вистина за овој случај“, изјави Заев на заедничката прес-конференција со Харадинај.
Економијата и трговската размена беа дел од темите за разговор меѓу двата премиера. Според македонската Влада, трговската размена со Косово е 160 милиони евра и истата очекуваат во иднина да ја помине бројката од 200 милиони евра. Освен ова, двете владини делегации потпишаа 19 билатерални договори и 16 други документи, додека пак најавени се потписи на нови 21 договори кои во иднина ќе се имплементираат од двете држави.
Од друга страна, пак, премиерот Харадинај оцени дека евроатлантските процеси, со цел побрзо зачленување на Македонија и Косово во Европската Унија и НАТО, се главните точки кои ги обединуваат двете земји.
„Оваа средба е многу важна. Република Македонија и Република Косово се соседи, животот, судбината и евроатлантската перспектива нѐ поврзува и нѐ обединува. Преку оваа средба ние помагаме во подобрување и продлабочување на меѓудржавните односи. Тие се добри, но треба да се унапредат, така што денес си дадовме многу задачи кои во идните заеднички владини седници треба да ги реализираме“, изјави Харадинај.

Македонскиот премиер се сретна и со првиот човек на законодавниот дом на Косово, Кадри Весели. Заев и Весели оценија дека односите меѓу двете држави се на солидно и добро ниво, со нагласување дека треба повеќе да се работи на инфраструктурата и евроатлантските процеси. Заев се обврза дека Владата на Македонија ќе помогне во привршување на автопатот Приштина-Скопје, кој е наречен „Арбен Џафери“, бидејќи освен што ќе им помогне на двете земји да остварат поголема економска соработка, истиот ќе ја олесни комуникацијата на граѓаните на Косово и Македонија.
Како што беше планирано, Заев еднодневниот престој во Приштина го заврши со средбата со потпретседателот на Косово, Хашим Тачи.

Инаку, косовските медиуми посетата на премиерот на Македонија, Зоран Заев, ја оценија како прва политичка победа на Харадинај откако е поставен на местото премиер на Косово. Според косовските медиуми, токму изјавата на Заев за меѓународна истрага за кумановските настани, претставува политичка победа и поен за Харадинај, бидејќи премиерот на Косово од косовските аналитичари беше остро нападнат заради помошта што им ја даде на семејствата на косовските државјани учесници во случајот „Диво Насеље“.

Блерим Исмаили