Заев го повика граѓанскиот сектор да се приклучи во нудење решенија во овие историски моменти


Граѓанскиот сектор активно учествува во реформските промени со кои ја поставивме и ја движиме Република Македонија стабилно на патот на Европската унија на НАТО. Вашето теренско (грас-рут) искуство, долгогодишната работа, анализите за клучни состојби во државата и од директен интерес за граѓаните на Република Македонија, помогнаа кога го создадовме реформскиот План 3-6-9.

Ова го порача премиерот Зоран Заев на тематскиот форум „Една година влада – осврт на граѓанските организации кон досегашните постигнувања и идни очекувања“, на кој учествуваше заедно со  министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, со претставници на Цивика мобилитас во која членуваат околу двесте грантисти, како и пред претставници на донаторите на проектот, Швајцарската агенција за развој и соработка  на Шведскиот институт за јавна администрација.

Тој посочи дека со голем дел од нив соработката е интензивна и се обврза дека граѓанскиот сектор останува активен дел и од практикувањето на политиките на Владата и од носењето промени на сите нивоа.

Тој оцени дека во општеството веќе е постигната свест, дека невладиниот сектор и граѓанските организации се една од најважните алки меѓу граѓаните и системот.

– Власта никако не би смеела да се подразбира како моќ, туку како дадена доверба од граѓаните и должност кон граѓаните, додаде премиерот Заев и посочи на направеното развластување  кон граѓаните и кон општините.

Ги повика да учествуваат, да се приклучат во овие историски моменти.

– Потребно ми е и мене како премиер и на Владата, да продолжиме со активната, двонасочна отвореност и соработка и да дадете поддршка како граѓанско општество за економски развој и просперитет на Република Македонија. Вашата проактивност во нудење на решенија е клучна. Можни се, достижни се и датум за ЕУ и покана за НАТО, рече премиерот.

Тој додаде дека Република Македонија никогаш не била поблиску до изнаоѓање достоинствено решение на спорот со Република Грција кое истовремено ќе го зачува и зајакне нашиот идентитет.

Постои, истакна, можност за такво решение за кое последниот збор ќе го имаат граѓаните на Македонија, на референдум и изрази подготвеност за државата повторно да покаже лидерство за заедничко добро на сите граѓани, за напредок и за развој на држава, сочувувајки го дигнитетот, идентитетот и суверенитетот на нашите граѓани и нашата држава.

Министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски се осврна на реформите што во изминатата година се направени во медиумската сфера и во јавната администрација.

– Измените во Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги, што се резултат на долга дебата во која беа вклучени сите засегнати страни, во моментов е дел од собраниска процедура. Клучна е улогата на медиумските работници кои мора да го кренат гласот и да придонесат кон конечно усвојување на законот што е и нивен предлог. Владата ги поддржува реформите во медиумската сфера, што произлегуваат од медиумските здруженија, граѓанските организации, новинарите и сите засегнати страни, а се надеваме дека во овие заложби ќе се вклучи и опозицијата, за да може законот да помине во Собранието, рече Манчевски.

Во делот на јавната администрација, министерот Манчевски посочи на дигитализацијата на услугите, што овозможува брзи, ефикасни, поевтини услуги за граѓаните.

– Преку порталот за е-услуги, со воспоставувањето централизиран шалтерски систем и една точка за услуги, со дигитализацијата на повеќе од 50 услуги што се најчесто барани од граѓаните, ние ги носиме услугите до граѓаните. Најважен за граѓаните е квалитетот на услугите што ги добиваат, а ние ќе целиме кон ефикасна администрација, додаде Манчевски.

На средбата се обрати и Стефан Томаџан, заменик амбасадор на Швајцарија во Република Македонија кој ги поздрави активностите на Владата на Македонија во вклучувањето на граѓанското општество во градењето политики.

Тој рече дека тоа е швајцарски модел за успешно граѓанско општество што дава резултати, а присуството на премиерот Заев и на министерот Манчевски на Форумот е потврда за определбите на оваа Влада да гради успешно граѓанско општество.

Граѓанскиот сектор во дебатата добија уверување од премиерот Заев и од министерот Манчевски дека оваа Влада е подготвена финансиски да ги поддржи граѓанските организации со средства од Буџетот.  Најави и дека претставници на граѓанскиот сектор ќе учествуваат во подготовката и имплементацијата на Планот 18, како што беа земени предвид нивните сугестии во Планот 3-6-9.

Од страна на претставниците на Цивика Мобилитас, на тематскиот Форум, изразена е поддршка за отвореноста на Владата кон институционална интеграција на граѓанскиот сектор во носењето и реализацијата на политиките.