Заев-Вучиќ: Пред нашите земји се нови иницијативи


Традиционално доброто пријателство и соработка меѓу двете земји, како исклучителен потенцијал за продлабочување на овие релации, пред кои претстојат извонредни можности за повеќе нови иницијативи во повеќе области, со меѓусебна почит во однос на сопствените стратешки интереси, констатираа македонскиот премиер Зоран Заев и претседателот на Србија, Александар Вучиќ на денешната средба во Белград.

На средбата присуствуваа и заменик-претседател на Владата и министер за внатрешни работи Оливер Спасовски, министерот за информатичко општество и јавна администрација Дамјан Манчевски и државниот секретар во Министерството за надворешни работи Виктор Димовски.

Двајцата соговорници нагласиле дека двете држави делат многу заеднички интереси како што се евроинтеграциите за кои е разговарано да продолжат заедничките проекти на овој план.

Од особен интерес, како што посочија Заев и Вучиќ, е соработката во сферата на безбедносните прашања, економската и социјалната благосостојба на граѓаните на двете земји, како и регионалните иницијативи за кои и од Република Македонија и од Република Србија има особено голем интерес.

Отворени се многу проекти за соработка за време на оваа средба за кои ќе следуваат конкретни подготовки и динамика која ќе биде потврдена на најавената заедничка владина седница која ќе се одржи наскоро.

Потврдени идеите за соработка на планот на дигиталазицаијата, старт-ап иницијативите и иновативните технологии и за заеднички настапи на стопанствениците од двете страни на трети пазари.

На средбата било договорено Македонија и Србија да ги реафирмираат идеите за соработка на одбележувања на значајни настани, датуми и културно-историски места од интерес на двете земји, како и конкретна соработка на културен план на ниво културно-информативни центри во двата главни града.

Премиерот Заев претходно во рамки на неговата прва официјална посета на Србија се сретна со српската премиерка Ана Брнабиќ.