Заев во Брисел на средби со Јункер, со Могерини и со Хан


Премиерот Зоран Заев престојува во дводневна работна посета на Брисел, каде, како што е најавено, денеска ќе се сретне со претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер, со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, со високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност Федерика Могерини и со еврокомесарот за соседска политика и проширување Јоханес Хан.

– Со претседателот на Европскиот парламент Антонио Тајани, претседателот на Европската комисија Жан Клод Јункер и еврокомесарите Федерика Могерини и Јоханес Хан уште еднаш ќе ги потврдиме нашите партнерски односи на патот на исполнување на стратешката цел Република Македонија да стане членка на ЕУ- напиша премиерот Зоран Заев на својот фејсбук профил.

Ова се и пораките што тој вчера, како што пишува, ги испорачал и на трибината „Македонија и регионот на Западен Балкан на патот кон членството во Европската Унија“ што ја организира Центарот за европски политички студии (CEPS).

– Дојдовме со аргументи дека се ​​создадени позитивни случувања по долгиот, одложен процес на нашите интеграции во ЕУ. Продолжуваме да даваме резултати со силна посветеност и несомнена политичка волја, во интерес на граѓаните. Тука сме да ја покажеме подготвеноста на Република Македонија и да ја убедиме Европската комисија да донесе одлука за отпочнување на преговори за нашата земја во првата половина од 2018 година, наведува Заев.

Македонскиот премиер ќе учествува и на трибината „Македонија по шарената револуција: Нови можности за успешно пристапување во ЕУ“, во организација на Фондацијата Фридрих Еберт во Брисел.

Во делегацијата што ја предводи премиерот Заев се и вицепремиерот Бујар Османи, министерот за надворешни работи Никола Димитров, министерот за транспорт и врски Горан Сугаревски и генералниот секретар на Владата Драги Рашковски.