Заев: Блиску сме до ЕУ и НАТО, не прифаќаме неодговорни ултиматуми


Многу сме блиску до реализацијата на стратешките цели на Република Македонија – членството во ЕУ и НАТО, и нема да дозволиме процесот да го нарушат или да го доведат во ризик неодговорни ултиматуми. Остануваме посветени до крај да стигнеме до решенија кои ќе овозможат услови за фер референдум во интерес на граѓаните на нашата земја, истакна премиерот Зоран Заев на денешната средба со државниот министер надлежен за Европа Михаел Рот.

– Законот е еднаков за сите, амнестијата за политичкиот криминал е невозможна и особено нема да попуштиме пред притисокот да отстапиме од владеењето на правото, рече Заев.

На средбата со Рот, истакна дека Република Македонија со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за НАТО отвори ново поглавје во својата историја и, истовремено, отвори ново значајно поглавје и во историјата на Европа во период кога за ЕУ е од огромна важност единството на сите европски земји, соопшти владината прес-служба.

Заев се осврна на актуелната политичка ситуација во земјата со посебен акцент врз процесот на постигнување политичка согласност околу основните принципи и прашања поврзани со реализацијата на референдумот за договорот со Република Грција кој ги донесе пред успешна завршница евроатлантските аспирации на Република Македонија.

Претседателот на Владата ја нагласи исклучителната поддршка што во изминатиот период дојде од СР Германија и од канцеларката Меркел во трансформацијата на политичката криза во која беше западната Република Македонија, во период на сеопфатни реформски зафати кои кулминираа со признание за напредокот на земјата со датумот за преговори со ЕУ и со поканата за членство во НАТО.

Државниот министер надлежен за Европа Рот, нагласи дека Република Македонија и понатаму може да смета на целосна и силна поддршка од СР Германија. Тој потенцираше дека претстојниот референдум е момент за одлука за европската иднина за Македонија и дека одговорноста сега треба да ја преземат сите релевантни политички субјекти во земјата, вклучувајќи ја и опозицијата.