Заев – Бабиќ: Во иднина граѓаните на двете земји да патуваат со лични карти


Заложбите на Република Македонија и на Босна и Херцеговина за унапредување на меѓусебната соработка и за заеднички напредок во евроинтегративните процеси, за кои станало збор и при скорешната посета на македонската владина делегација предводена од премиерот Зоран Заев на Сараево, биле потврдени и на неговата денешна средба со Лепа Бабиќ, амбасадорка на БиХ во Македонија.

На средбата, како што соопшти владината прес-служба, се раговарало за конкретни исчекори во интензивирање на соработката меѓу Република Македонија и Босна и Херцеговина, како што е организирање заедничка владина седница и унапредување на односите во областа на економијата, образованието, туризмот.

Констатирано било дека спогодбата за признавање на возачките дозволи меѓу двете земји, како и претстојното овозможување на граѓаните на двете држави да патуваат со лични карти, значително ќе ја олесни комуникацијата меѓу граѓаните и меѓу ресорската соработка, што се очекува да дава побрзи и повидливи резултати од интерес на потребите на граѓаните и на двете држави.

Заедничка оценка била дека од голема важност е земјите од целиот регион да добијат позитивни препораки во аспирациите за евроинтеграции.

Владата на Република Македонија, посочил Заев, работи на реформскиот процес, на доброседски односи и се заложува за европски перспективи на целиот регион.