Заев:Се помиривме со соседите, сега е ред и дома


Премиерот Зоран Заев  вели дека не се чувствува како уценет политичар после сите случувања во текот на преговорите со Грција, амнестијата, преговорите со политичките партии.

„Сигурно не, заради тоа што се што работевме во Македонија работевме максимално транспарентно“, рече Заев.

Граѓаните, дополни, во секој момент ги знаеле деталите дури и по цена да се загрози процесот на преговори со Грција.

„Целиот процес го водевме максимално транспарентно и одговорно знаејќи колку е голема цената за иднината на оваа наша земја, но и колку е горка одлуката што треба да се донесе. Но, не е лесно и во Грција, гледате. Тоа само по себе прво потврдува дека имаме фер и праведен договор, добар и исклучително само добар за двете земји. Реакциите на двете опозициони партии е исто така потврда и во Грција и во Македонија дека буквално се работи за исти придобивки на двете страни. Истовремено целиот овој процес што се случуваше во Македонија го водевме максимално транапарентно и со политички алатки, директно чесно, транспарентно,“ појасни Заев.

Изрази убедување дека и дома може да се помириме како што го направивме тоа со соседите како што е Грција со која си подадовме рака за толку чувствителен проблем.

„Во државата останавме 1,5 милиони можеме да се помириме преку јасна одговорност внатре, преку транспарентно поставени процеси заради тоа што, реков, со Законот за амнестија ова е само почеток на помирувањето. Младите мора да ни се помират и меѓу ВМРО и СДСМ и меѓу Македонци и Албанци, и меѓу градови и села. Насекаде. Помирувањето е здраво и и треба на Македонија, рече Заев.