Заглавија реформите за првачињата


Дали ќе се спроведе пилот-проектот со кој дел од учениците од прво одделение ќе треба да учат по нови наставни планови и програми, се уште не се знае со сигурност. Добро упатени извори во проблематиката од Министерството за образование и наука за „Независен весник“ велат дека нема да дозволат по ниту една основа да се експериментира со децата, па оттука се отвора дилемата дали основците од прво и од септември ќе учат по меѓународната програма „Кембриџ“ или по новите програми што ги најавија од образование.

Уште пред три месеци завршил рокот кога требало да биде објавен јавниот повик, на кој ќе можеа да аплицираат училиштата што се заинтересирани да бидат дел од пилот-проектот, а со тоа децата да учат по нови наставни планови и програми.

Од Министерството најавуваа  дека ќе има обуки за наставниците што предаваат во училиштата каде што ќе се спроведе пилот-проектот, ама и од тоа нема уште ништо. За подготовка на наставните планови и програми во основното образование ангажирани беа универзитетски професори. Министерот за образование и наука Арбр Адеми пред десет дена за „Независен весник“ рече дека консултациите за реформите се во тек.

„Во редовна комуникација сум со сите засегнати страни, кои се вклучени во овој процес на реформирање на основното образование, за да ги преземеме сите предвидени чекори и да почнеме оваа година. Консултациите се во тек. Се очекува до крајот на неделата да имаме епилог на сево ова“, објасни Адеми.

Адеми кога стапи на функцијата министер рече дека започнатите активности, мерки и проекти во ресорот ќе ги продолжи со ист ентузијазам. За имплементацијата на програмата „Кембриџ“ за средното образование подвлече дека ќе биде пролонгирана и оваа година, додека за основното образование објасни дека се прават консултации преку сеопфатен процес, а Министерството навреме ќе извести за сите одлуки и постапки.

„Мојот фокус и на мојот тим останува на реформирање на основното и средното образование, преку усвојување на новите законски решенија. Исто така, примена на новите наставни програми, изработка на учебници со одобрена содржина, поголема промоција на средното стручно образование, каде што веќе започнавме заедно со министерката Дескоска, имплементација на концептот дуално образование“, рече Адеми.

Пред да замине во ресорот правда, министерката Рената Дескоса објасни дека програмата за второ и трето одделение за учебната 2018/2019 година ќе остане иста, само ќе има намален фонд на часови.

Министерството за образование новините и плановите за новата учебна година ги објави уште во јануари. Оттаму објаснија дека во нив е предвидено  еден наставен час за првоодделенците да трае 55 минути. Во тој период да има одмор од 15 минути, кој ќе треба да го определи наставникот, откако ќе процени дека учениците губат концентрација. Еден од одморите, според планот, е предвиден за слободни активности, надвор од училница, а учениците не треба да имаат повеќе од четири часови дневно. Меѓу другото, најавено беше дека домашните работи ќе се заменат со вежби на час под контрола на наставникот, како и тоа дека ќе се воведе служба за поддршка на ученици кои бележат послаби резултати во напредувањето. Ќе се воведат и предметите физичко и здравствено образование, што ќе ги предава стручен наставник. Содржините од досегашните предмети Природни науки и општество ќе се интегрираат во еден, додека предметите Ликовно образование и Музичко ќе се интегрираат во Уметност.

Најавена беше и редуцирана примената на тестови на знаења, дека повеќе ќе се оди на непосредна проверка од наставниците, со цел да се види како размислуваат, заклучуваат и  се развиваат кај учениците јазичните компетенции како и да се редуцираа бројот на учениците.Рекоа и дека размислуваат кога ќе се отвори конкурс за пишување на учебник согласно програмата, да можат да се јават издавачи со учебници од адаптирана програма „Кембриџ“, ама и домашни издавачи со учебници од домашни автори. Ако учебникот од програмата „Кембриџ“ е добар, може да остане, рече министерката.

 

„Учебниците уште се скенираат бидејќи станува збор за обемен материјал и содржина“, кусо одговорија од Министерството.Во кои учебници ќе има исправки или дополнувања, како и тоа дали ќе има повлекување на учебници и по кои предмети, не добивме одговор.

Инаку, од она што се знае е дека по нови наставни програми приспособени согласно потребите на пазарот на трудот ќе учат средношколците запишани во дел од стручните училишта. Дуално образование ќе се реализира во Скопје, Охрид и во Кавадарци.

Вероника Мароска-Леова