Завршни зборови на судењето за нападот врз Села


Обвинителството за организиран криминал и корупција и одбраната на обвинетите денеска треба да ги дадат своите завршни зборови за нападот врз пратеникот Зијадин Села којшто се случи на 27 април минатата година.

Од вкупно десет обвинети, еден од нив со новата снимка што ја рпезентираше обвинителството како доказ, беше ослободен, а за двајца обвинети делото беше преквалификувано, односно се утврди дека не учествувале во нападот на Села, но биле насилни кон другите пратеници. Овие двајца обвинети признаа вина и добија затворски казни.

Откако јавниот обвинител и одбраната ќе ги дадат своите завршни зборови се очекува да биде закажана и пресудата за овој случај.

Во судот закажани се и нови судски рочишта за случаите „Тотал“ и „Транспортер“ на Специјалното јавно обвинителство.

Во „Тотал“ обвинет е новинарот Драган Павловиќ-Латас за затајување на данок во висина од 121.414 евра преку правните лица „Тотал“ маркетинг” ДООЕЛ, „Тотал“ медија центар” и „Медијамакс” и 63.032 евра како физичко лице.

Набавката на опремата за себе ја евидентирал како опрема за фирмите, иако во фирмите немало вработени лица, односно во една фирма имало само еден вработен.

По неколку одложувања поради здравствени и семејни причини на Драган Павловиќ-Латас, судењето за случајот почна на 14 мај годинава.

На обвинителна клупа денеска, исто така, треба да седнат и обвинетите во предметот на СЈО „Транспортер“.

Поранешниот битолски градоначалник Владимир Талески и уште 20-тина лица во овој случај се товарат за злоупотреба на службената положба во врска со организирањето превоз на ученици во Битола, со што е направена проневера на околу 360.000 евра