Жителите од Танушевци, Брест и Малино Маало добија прехранбени продукти и неопходни средства


Прехранбени продукти и неопходни средства денеска им се доставени на жителите од селата Танушевци, Брест и Малино Маало кои се отсечени заради обилните снежни врнежи.

Од Владата попладнево информираа дека денеска Центарот за управување со кризи во координација со Армијата на Република Македонија и со припадници на Црвениот Крст спровеле акција и со хеликоптер на АРМ ги доставиле сите неопходни продукти во овие села.

– Екипите на тимовите што ги координираше ЦУК до овие населени места кои се отсечени заради обилните снежни врнежи пристигнаа со хеликоптер на АРМ и остварија контакти со населението и заради утврдување на нивните потреби од здравствени интервенции, се вели во соопштението од Владата.

Во акцијата учествувале и стручни лица од ЕВН Македонија заради проверка на далекуводот за санирање на проблемите со електричната енергија.