Жигосување и навреди кон гласачите


Жигосувањето на граѓаните што одлучиле да излезат и да одговорат на референдумското прашање „Дали сте за влез во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“, кои се соочија со навреди и пцости на избирачките места. Најмногу вакви инциденти регистрираа набљудувачите на „Цивил – Центар за слобода“. Една кавга заврши во тепачка, а дел од оние што се закануваа беа приведени во полициска станица.
Според официјалните податоци од Министерството за внатрешни работи до крајот на гласањето беа евидентирани 20 случаи на прекршување на избирачкото право или нарушување на јавниот ред и мир за време на гласањето на денешниот референдум. Во полициска станица се приведени или повикани 12 лица.

„Дел од овие случаи, како што посочи Ангеловски се веќе документирани и поднесени се соодветни поднесоци, а останатите ќе се расчистат во текот на наредните денови. Денешното референдумско изјаснување на граѓаните мина мирно, без поголеми нарушувања на јавниот ред и мир“, изјави портпаролот на МВР, Тони Ангеловски по завршувањето на гласањето.

Најголем инцидент беше регистриран на гласачкото место, во основното училиште „Лазо Ангеловски“ во Скопје. Дваесет и двегодишен скопјанец ги навредувал граѓаните и нападнал полицајци. Против него е поднесена кривична пријава за напад врз службено лице. На гласачките места се заканувале и жени, па една од нив на возраст од 64 години заврши во полиција бидејќи му се заканувала на осумдесетгодишен старец.

Во основното училиште „Кочо Рацин“ во Скопје девојка гласала со пенкало на кое имало камера, го сликала гласачкото ливче или присутните во просторијата. Друга дваесет и осумгодишна скопјанка била приведена во полиција бидејќи во околината на основното училиште „Песталоци“ ги попречувала граѓаните да гласаат и ги фотографирала. Гласачи сликала и сестра на пратеничка во Гостивар која била приведена во полициска станица.

Притисоци вршеле и членови на општински изборни комисии. Поради тоа, општинската изборна комисија разреши заменик-претседател на гласачко место во Чаир откако констатира дека се обидел да влијае врз неколку граѓани како да гласаат на референдумот.

На фејсбук-профилот „Бојкотирај референдум“ повикаа: „Сликајте ги и снимајте ги изродите на македонскиот народ што ќе излезат да гласаат! По референдум, ‘почесто’ ќе ги објавуваме“. Неколкумина стружани ги снимале своите сограѓани како гласаат од тераса во зграда во близина на избирачкото место во основното училиште „Браќа Миладиновци“.

На социјалната мрежа Твитер, пак, членовите на иницијативата објавија дека имаат 450 фотографии од граѓани кои ги нарекуваат предавници.
Набљудувачите на „Цивил“ во општина Бутел лично сведочеле дека акредитиран набљудувач од одредена невладина организација на повозрасен гласач кој љубезно прашал каде се наоѓа одредено избирачко место, му одговорил „Оди прашај си го Заев каде е тоа… Гласај на гробишта…“
Претседателот на Здружението „Цивил – Центар за слобода“, Џабир Дерала, изјави дека, според извештаите што се добиени од набљудувачите на терен, забележани се нерегуларности и несоодветно однесување на некои набљудувачи за време на референдумското изјаснување до 12 часот.
– Првпат гледаме една зачестена појава во која набљудувачите се однесуваат, најблаго кажано, некоректно кон гласачите – истакна Дерала.

Набљудувачи седеле пред избирачки места и ги евидентирале гласачите. Пред избирачкото место во општина Демир Хисар ги пресретнувал гласачите и ги прашувал дали и како гласале. Таму бил присутен и полицаец кој не реагирал на таквото однесување.

– Слична ситуација има и во гимназијата „Коста Сусинов“ во општина Радовиш каде пред избирачко место две лица без никакви ознаки ги запишувале гласачите – посочи Дерала.

Семејство во скопското село Визбегово исто така дошло да гласа со нивниот малолетен син кој фотографирал во просторијата. Според извештаите на „Цивил“ добиени од набљудувачите на терен, забележани се голем број нерегуларности, од кои повеќето се предизвикани од изборната администрација. „Забележани беа сериозни проблеми во избирачкиот список, иако се предупредуваше дека списокот ќе ја покаже својата неефикасност на денот на гласањето“, заклучија од Цивил.

Фросина Факова – Серафиновиќ

Фото: Борис Грданоски