Жерновски: Фондот за Западен Балкан – чекор кон развој на европски пристап за регионална соработка


Фондот за Западен Балкан сигнализира уште еден конкретен чекор за развивање на европски пристап на соработка на регионално ниво, овозможувајќи зголемување на креативниот инпут на повеќе нивоа од цивилниот до научниот и други сектори кои придонесуваат за севкупна интеракција и размена на знаења, вештини, иновации и создавање нови вредости, порача денеска заменик министерот за надворешни работи Андреј Жерновски. На отворањето на втората официјална инфо-сесија за Фондот за Западен Балкан денеска во просториите на Министерството за надворешни работи во Скопје, тој потенцираше дека патот по кој овој регион оди во текот на 2018 година отвара многу перспективи за унапредени добрососедски односи, а токму конкретните проекти како што е Фондот за Западен Балкан, се главни двигатели за ваквиот успех.

– Темите кои се главен приорите оваа година во вториот повик на Фондот, се теми кои се јасен показател дека ги следиме актуелните теми и политики на ЕУ промовирани во Стратегијата ЕУ 2020, како и на последните насоки на макрорегионалните стратегии на ЕК, изјави Жерновски, се вели во соопштението од МНР.

Фондот за Западен Балкан е регионална иницијатива, настаната со заедничка одлука на МНР на шесте држави од просторот на Западниот Балкан. Во рамки на активностите, на 2 ноември годинава официјално излезе вториот повик за поддршка на проекти за непрофитни организации и други институции согласно статутот и целите на Фондот.

Претставниците на Фондот, на денешната инфо-сесија, ги презентираа сите аспекти на вториот повик, кој е отворен за апликации до 13 декември, како и спецификите при апликативните и други технички детали.

Како една од најважните компоненти, потенцираа тие е што при аплицирањето потребно е да се има најмалку два партнери од другите држави од западниот Балкан.

На инфо-сесијата присуствуваа голем број претставници од цивилниот сектор, локалната самоуправа и други институции од научен и образовен карактер од цела Македонија.