Жените – економски највредниот ресурс на Западен Балкан


Линда Ван Гелдер

Откако пристигнав на Западен Балкан, пред речиси една година, имав задоволство да работам со извонредни луѓе низ целиот регион – една од најинтересните и динамични локации во светот. Ниту еден ден не поминува без да бидам инспирирана од лица како Марија Бошева, која студира да стане научник во новата лабораторија за енологија и наука за почвата во Македонија, или Валориjана Хаси, млада девојка од Косово, која сега работи во ИКТ, по завршување на обуката за жени во онлајн професии. Приказни како овие ме потсетуваат на огромниот економски потенцијал на овој регион, особено ако земјите тука почнат да користат еден од највредните ресурси: жените.

Економските придобивки од родовата инклузија се добро познати. На пример, жените претприемачи носат 5 отсто поголема веројатност за иновации отколку нивните машки врсници. „Кредит Свис“, исто така, утврди дека „Fortune 500“ компаниите со женска застапеност имаат подобри резултати од оние без нив. Намалувањето на разликите во учеството на пазарот на труд и во претприемништвото може значително да ги зголеми изгледите за раст во регионот. И бидејќи економскиот раст и создавањето работни места се висок приоритет за секоја земја во Западен Балкан, време е да се зголемат напорите за промовирање на женското претприемништво во регионот – напори кои ќе доведат до отворање на работни места, зголемување на учеството на жените во економијата и создавање на економски придобивки за сите.

Покрај нивниот придонес во економскиот раст и создавањето нови работни места, истражувањата покажуваат дека претпријатијата предводени од жени вработуваат повеќе жени, зголемувајќи ја контролата над ресурсите, што, пак, води до подобри здравствени и образовни резултати за децата. Зголемувањето на економското учество на жените – особено во микро-малите и средните претпријатија – може да ја намали сиромаштијата и да го зголеми инклузивниот раст. Сепак стапките на учество на жените остануваат ниски во земјите на Западен Балкан.

Агендата за промовирање на пристапот на жените до економските можности е широка и повикува на акции што можат да се справат со бројни пречки – од недостаток на пристап за грижа на децата, до дестимулации во прописите за работните односи и ограничен пристап до регистрирана сопственост на имотот. Градење на основа, со докази за тоа какви се предизвиците и како може да им се пристапи, е инструмент кој ни помага во дизајнирање на препораки за политики и иницијативи со кои можат да бидат надминати овие предизвици.

Земјите од Западен Балкан секоја година губат во просек 18 проценти од нивниот вкупен БДП поради родовиот јаз на пазарот на трудот. Оваа бројка е поголема од БДП на Србија. Една третина од оваа загуба се должи на нарушувањата во изборот на професии помеѓу мажите и жените. Останатите две третини одговараат на трошоците поврзани со разликите во учеството на работната сила. Затоа, тим на Светска банка работи на затворање на јазот во знаењето околу пристапот на жените до економските можности, воведувајќи серија истражувања и иницијативи во Босна и Херцеговина, Косово, Македонија и Србија.

Во БиХ само 27 отсто од микро-малите и средни претпријатија се во сопственост на жени, а само 9,3 отсто од претпријатијата имаат мнозинство жени сопственици. Истражувањето, направено со цел да го зголеми нашето разбирање за факторите кои придонесуваат за пониските стапки на економско учество на жените, покажува дека фирмите предводени од жените во БиХ се концентрирани во секторите со ниска продуктивност и во просек имаат тенденција да бидат помали. Овие фирми не користат финансиски производи и услуги толку често како фирмите предводени од мажи и се соочуваат со повеќе пречки кога го прават тоа.

Понатаму, додека микро-малите и средни претпријатија предводени од жени стојат добро во мерењата за финансиски можности, тие заостануваат во зголемувањето на профитабилноста на нивните фирми, во анализирањето и развивањето на деловни можности и добивањето на информации и совети.Работата се фокусира на клучните предизвици, како и препораки за нивно надминување. Реформите и регулативите можат да го подобрат деловното опкружување за микро-малите и средни претпријатија предводени од жени. Поголемото финансиско образование, вклучително и обуките за интеракција со финансиски институции и идентификување на вистинските финансиски производи и услуги, може да помогнат да се осигура дека сопствениците и менаџерите на малите и средни претпријатија имаат пристап до неопходните финансиски ресурси. Менторството исто така е клучен елемент во зајакнувањето на управувачкиот капацитет и решавањето на разликите во пристапот до пазарите и мрежите.

(Авторката е директор на Светска банка за земјите од Западен Балкан, Европа и Централна Азија)