Жбогар:Сите се еднакви пред законот, одговорност мора да има


Нашата позиција е јасна и едноставна, како и во минатото така и сега не коментираме судски процеси, треба да оставиме судството да си ја врши својата работа, изјави попладнево евроамбасадорот Самуел Жбогар во Струга.

– Уште веднаш по настаните од 27 април нагласивме дека треба да има отчетност за сето што се случуваше во Парламентот. Нашите очекувања се сите страни и чинители во земјата во преден план да ги стават интересите на државата и нејзината иднина, рече Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање по форумот „Децентрализацијата повторно во фокус“, што во организација на Министерството за локална самоуправа, Мисијата на УНДП во Македонија и Делегацијата на ЕУ од попладнево се одржува во Струга.

Прашан за одговорноста на која се повикани неколкуте пратениците за кои судот бара притвор за учество во настаните во Собранието на 27 април, Жбогар рече дека сите се еднакви пред законот.