Евтина струја ќе купуваме како пакети за мобилни


Евтината струја што беше воведена од октомври годинава ќе важи до крајот на следната година. Тогаш се очекува целосна либерализација на пазарот на струјa, што значи дека секое домаќинство ќе може само да избира од која компанија ќе се снабдува со струја.

Новите снабдувачи нема да бидат обврзани да испорачуваат струја по евтина тарифа од 14 до 16 часот и од 22 до 6 часот наутро, како што е сега. Тие ќе понудат свои пакети и понуди, а граѓаните ќе можат да изберат на каква тарифа на струја ќе сакаат да се приклучат.

– Тоа ќе биде договор помеѓу операторот на дистрибутивниот систем кој ќе мора своите мерни инструменти да ги приспособи на договорот што ќе го имаат снабдувачите со клиентите. Снабдувачите ќе имаат интерес да понудат што е можно подобри пакети на услуги. Тоа е исто како што се случуваше со мобилната телефонија. Снабдувачите ќе мора да бидат инвентивни, да понудат пакети на клиентите кои за нив ќе бидат интересни и атрактивни за да можат да ги задржат како клиенти – истакна вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев.

Оние граѓани што нема да одберат сами да купуваат струја на слободниот пазар ќе добиваат електрична енергија од универзален снабдувач кој ќе го избира државата на тендер.

Од Европската енергетска заедница (ЕЗЗ) го одобруваат новиот закон за енергетика. Според директорот Јанез Копач, тој ќе биде поефикасен и насочен кон потрошувачите и целосно е усогласен со третиот енергетски пакет на ЕУ.

Александра Спасевска