Епидемија на мали сипаници во Скопје, потврдени уште шест нови случаи


Епидемија на морбили, односно мали сипаници во  Скопје прогласи Министерството за здравство,  поради 12 нови случаи. Министерот за  Венко Филипче рече  дека шест од новите случаи се потврдени преку соодветни анализи, за останатите шест кои засега се сомнителни, резултатите од анализите ги очекуваат за утре. Заразените ја немаат примено вакцината МРП, а освен деца има и возрасни.

„Принудени сме од утре да донесеме привремена мерка, со која се забранува  децата кои не се вакцинирани со МРП вакцина да се носат во градинките. Од 15.000 невакцинирани  деца под 14 годишна возраст со повиците за вакцинирање, само 310 се вакцинираа што е исклучително мала бројка“, рече Филипче.

Нови случаи  на заразени со морбили има по еден во Кисела Вода, Гази Баба и по двајца во Аеродром, и Бутел.  На Инфективна клиника хоспитализирани се осум лица од заразените и сите се со компликации со бронхопневмонија, со потешка клиничка слика се двајца. Заразено со морбили е и осум месечно бебе и деца на возраст од  три до пет години, како и двајца возрасни.

 

Епидемија на морбили има и Србија и Романија. Министерот посочи дека во Србија починале 30 лица, а во Романија 50.

Во Скопје во моментов се регистрирани 13 случаи на морбили. Од Институтот за јавно здравје  потсетија дека пред 1972 година,  пред да се воведе вакцината, имало епидемии на мали сипаници со преку 1250 смртни случаи и над 12 илјади заболени. Епидемиолозите апелираа да се вакцинираат децата, бидејќи морбилите можат да предизвикаат  тешко воспаление на белите дробови и менингитис. Лекарите укажаа и дека  ќе следуваат казни од 350 до 650 евра за невакцинирање, согласно законското решение.