Енес Ибрахим на чело на Партијата за движење на Турците


Пратеникот Енес Ибрахим е избран за нов претседател на Партијата за Движење на Турците во Македонија (ТХП), на третиот редовен конгрес на партијата што се одржа во Скопје.

Од 314 регистрирани делегати, на конгресот присуствуваа 298 кои едногласно гласаа за изборот на Ибрахим, кој досега беше генерален секретар на ТХП.
Ибрахим доаѓа на местото на Аднан Ќахил, кој долги години беше на чело на ТХП, која сега партиципира во парламентарното мнозинство.

Во поздравниот говор, Ибрахим му се заблагодари на поранешниот претседател Аднан Ќахил за константната поддршка на новите генерации на политичари од турската заедница и вети дека ќе направи се` за да не ја изневери поддршката што ја доби од делегатите на ТХП. Ибрахим истакна дека е спремен да се соочи со предизвиците и да придонесе за доброто на сите Турци во Македонија, но и за целото општество.