Елмедина ја плати со живот негрижата на возрасните


Тага, немоќ, гнев, лутина, револт… тешко може да се опишат чувствата што се мешаат кај блиските на 13-годишната Елмедина, која во вторникот попладне се удави во ископ за темели за изградба на зграда во скопската приградска населба Илинден. Тоталната нефункционалност на општинските и државните служби и запуштеноста во однос на прописите за градење и за инспекција резултираа со трагедија, која можеше да се прошири во уште поголеми размери. Среќа во несреќа е што живиот песок не ги зел со себе сите што влегоа да го спасат, а подоцна и да го извадат мртвото тело на девојчето.

Еден ден подоцна, атмосфера на јад и неверување на улицата „2“ во местото Бигла каде што наивната детска игра заврши со црнила. Покрај главниот пат што води низ населбата, опкружен со куќи и со продажни објекти, наеднаш здогледувате бришан простор. Тука требало да никне зграда, поточно повеќе згради, од кои една година по копањето темели нема ниту абер.

Минатото лето почнаа со работа, но набргу се откажаа, веројатно поради тоа што под земјата излезе многу вода. Зимоска да поминевте, водата надојде до улицата, сигурно беше длабока десетина метри. Потоа се сетија дека возилата може да паднат во дупката, па изградија ‘брег’ колку да се повлече водата. И се повлече, но не сосема. Сега на лето е длабока четири метри, а никаде нема ограда и забрана за движење дека се гради“, лути се жителите на Илинден.

Пред дупката што личи како да е погодена од кратер нема никаква табла, што е законска обврска и на која треба да пишува кој е сопственик на земјиштето, кој е изведувач, градежна дозвола, цел на намена… На еден ѕид покрај улицата е насликано дека е предвидена изградба на 12 згради, оставен е телефонски број за продажба на недвижности, на кој, патем, вчера не се јавуваше никој.

Навистина е нејасно како е можно цела година никој да не помине и да не ја огради дупката. Не се знае ниту кој гради, ептен тајно и нејасно се тераше работата од самиот почеток, како да се претчувствуваше оти нешто лошо ќе се случи“, продолжуваат да негодуваат соседите.

Петстотини метри од местото на трагедијата живеат блиските на загинатото девојче. Многудетно ромско семејство, сите ги знаат како чесни и работливи луѓе. Со нивната загуба сочувствува цел Илинден. Елмедина е трето од петте деца, четири сестри и едно братче живееја во слога и љубов.

(Остатокот од текстот ќе го објавиме во утрешното печатено издание на „Независен весник“)

Горан Адамовски

Фото: Борис Грданоски