Екс-министерката меѓу грижата за бебето и заканата за затвор


Поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска деновиве е соочена со обврските и одговорноста кон својот неколкумесечен син и заканата да биде осудена на затворска казна за набавката на луксузниот „мерцедес“ за поранешниот премиер Никола Груевски. Во понеделник напладне таа ќе ја слушне пресудата на судечкиот совет на чело со судијката Добрила Кацарска за злоупотреба на службената положба, кривично дело за коешто и се заканува затворска казна од најмалку пет години.

Во завршните зборови Јанкулоска не можеше да ги задржи солзите кога ја спомна грижата за својот син.

„Инсистирањето да се донесе пресуда во експресно брз рок, иако имам законско право на породилно отсуство за да се грижам за дете кое имаше два месеци на почетокот, односно три месеци на крајот на оваа постапка. Ова отсуство беше прекинато со закажување на вообичаено интензивна динамика на рочиштата“, рече Јанкулоска во солзи.

Поранешната министерка се врати на обвинителна клупа по 45 дена од породувањето за да присуствува на рочиштата во суд каде и се суди за неколку кривични дела.

Таа тврди дека девет години додека го водела Министерството за внатрешни работи дека работела посветено, совесно и согласно законите.

„Додека бев на функцијата министер со чиста совест тврдам дека работев согласно закон, ниту сум влијаела, ниту сум потпаѓала под нечие влијанија. Не сум учествувала во јавната набавка за која ме товари СЈО, со неа се запознав во текот на оваа судска постапка“, тврди поранешната министерка.

Таа ѝ забележа на Кацарска дека ја прогласила за виновна уште пред да почне судењето за неа. Тој став, според Јанкулоска, советот го кажал при изрекување на пресудата за поранешниот премиер Никола Груевски и екс-помошникот министер во МВР, Ѓоко Поповски.

За Јанкулоска обвинението на Специјалното јавно обвинителство се темелело на тези на политички партија, а не на факти и докази. Јанкулоска побара да биде ослободена, но обвинителката од Специјалното јавно обвинителство Фатиме Фетаи побара да биде прогласена за виновна.
„Сметаме дека во дејствијата на обвинетата се содржани обележјата на кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувања бидејќи таа била свесна за делото. Со умисла го поттикнала Ѓоко Поповски незаконски да постапи и да фаворизира економски оператор за набавка на конкретното возило“, рече обвинителката Фетаи.
При одмерување на казната таа побара судот да ги има предвид отежнителните и олеснителните околности. Отежнителни, како што наведе Фетаи, е степенот на кривичната одговорност, бидејќи делото е направено додека Јанкулоска била на функција. Како единствена олеснителна околност од СЈО ја посочија семејната положба.
За набавката на луксузниот „мерцедес“, судски случај, познат во јавноста како „Тенк“ осудени се поранешниот премиер Никола Груевски и помошникот министер во министерството за внатрешни работи, Ѓоко Поповски.

Јанкулоска се товари дека на барање на Груевски го поттикнала Поповски да го набави „мерцедесот“ на незаконски начин.

Груевски е осуден на казна затвор од две години, но неколку месеци оваа казна не е правосилна и Апелацискиот суд уште нема донесено одлука на жалбите на обвинетите. Единствено во притвор заврши Поповски, кој за овој случај беше осуден на 6 години и шест месеци затвор, но му беше одреден притвор откако беше осуден на девет години затвор за набавката на триста полициски возила.