Заев не нуди амнестија, туку национално помирување


Премиерот Зоран Заев не нуди амнестија за настаните на 27 април, туку повикува на национално помирување меѓу пратениците, со цел постигнување на стратешките интереси на државата, тврди за „Независен весник“ висок владин функционер.

-Премиерот, во своето обраќање пред парламентот, повика на национално помирување меѓу пратениците, а не на амнестија. Целта е да се заштитат интересите на државата и да се овозможи остварување на стратешките приоритети на државата, како што се членството во НАТО и во ЕУ, вели висок владин функционер.

Заев се обрати пред малку на собраниската седница за пристапување кон промена на Уставот, каде што рече дека испраќа порака за помирување и простување за 27 април 2017 година. Рече дека за тоа е подготвен да плати политичка цена, што беше протолкувано како негова понуда за амнестија.

(A.M.M.)