Екологистите го победија бизнисот-усвоен Законот за минерални суровини


По едногодишна собраниска битка, вчера беше усвоен Законот за минерални суровини, соопшти партијата ДОМ. Предлагачи на Законот, покрај пратеничките Лилјана Поповска и Маја Морачанин од ДОМ, беа и Мери Лазарова, Кети Смилевска, Диме Велковски и Сашо Атанасов од СДСМ, Горан Милевски од ЛДП, како и независните пратеници – Ивана Туфегџиќ, Ирена Стефоска, Павле Богоевски и Ферид Мухиќ. По затворањето на рудникот „Казандол“, ова е уште еден заеднички успех на екологистите во борбата за здрав живот во чиста животна средина и за развој на зелената економија.

Со законот се забранува употреба на цијаниди и сулфурна киселина при флотација или лужење во нови рудници од отворен коп. Се бара и депонирана финансиска гаранција од идните концесионери во случај на еколошки катастрофи, како и јасно наведување на постапката во техничко-технолошки елаборат. Дополнително, се предлага продолжување на рокот за одговор од локалната самоуправа и државните институции од 15 на 60, односно 30 дена, заради поголема транспарентност.