Едмонд Темелко не можел ни да јаде, ни да дише, ни да се движи


Поранешниот градоначалник на Аеродром, Ивица Коневски, денес на прес конференција тврдеше дека Едмонд Темелко е изложен на политичка тортура и се газат неговите човекови права, откако е притворен по обвинението на СЈО. Според него, како последица на тоа Темелко не може ни да оди, ни да дише ни да јаде.

„Едмонд Темелко има сериозна болест од која што секој ден му е загрозен животот. Едмонд Темелко сам не може ниту да стане од кревет. Заради болеста, Едмонд Темелко не може сам да се пресоблекува, ниту да ги извршува физиолошките потреби. Едмонд Темелко има проблеми со дишењето, со хранењето, и со движењето. Едмонд Темелко има проблеми со вртоглавици, со внатрешните органи и секојдневно се бори со неподносливи болки во мускулите и зглобовите. Едмонд Темелко нема соодветна здравствена нега бидејќи таа не може да му биде пружена во истражниот затвор во Шуто Оризари. Едмонд Темелко, секој ден успева да го преживее благодарение на помошта што ја добива од друго притворено лице“, рече Коневски.

Според Коневски, случајот против темелко е конструиран, иако е најголем борец за човековите права на Македонците во Албанија.

„Судот подлегна на политичките притисоци на Зоран Заев и СЈО и му изрече мерка притвор на Едмонд Темелко по што потпретседателот на СДС, Оливер Спасовски ја пушти партиската полиција да го апси и ги повика медиумите пред полициска станица за да снимат како тој се одмаздува на Темелко.Од тогаш, од 26-ти септември до сега, Едмонд Темелко е во притвор и криминалната власт го држи во нечовечки услови.Едмонд Темелко, освен што е градоначалник на Општина Пустец и борец за правата на Македонците во Албанија, е семеен човек и татко на две деца“, порача Коневски, додавајќи дека овие два месеци Заев и криминогената власт ослободија десетици криминалци од затвор, додека единствениот градоначалник Македонец во Албанија се држи во притвор и се нарушува неговата здравствена состојба.