Еден век од формирањето на Чехословачка: Изложба на дела во Музејот на современа уметност


Во просториите на Музејот на современа уметност денеска во 18 часот ќе биде поставена изложба на тема „Подарени дела од Чехословачка, 100 години од формирањето на Чехословачка“. Во колекцијата се наоѓаат 265 дела од 92 автори од Чехословачка.

Изложбата ќе ја отворат амбасадорот на Република Словачка Н.Е. Хенрик Маркуш, амбасадорот на Република Чешка Н.Е. Мирослав Томан, исто така обраќање ќе има и директорката на Музејот на современа уметност г-ѓа Мира Гаќина.

„Акцентот е ставен на годината кога е формирана заедничката држава Чехословачка, 1918 година што значи годинава е 100-годишнина, но, не како заокружена прослава на поранешната заедничка држава, бидејќи во 1993 година по мирен пат тие се разделија (Чешка и Словачка). Во сите наброени околности најбитно е што изложбата е предизвик на отворање на можноста за анализа на повеќе моменти. Би започнале со оние што логично се врзани за последните децении на минатиот век. Тие ги третираат социополитичките промени во Европа, години што влијаеја врз уметноста и културата генерално. Во оваа смисла елаборацијата се темели врз историскиот однос Исток-Запад, што неминовно ги маркира перспективите на затекнатите состојби“, информираат организаторите.

Со намера целосно да се допрат уметничките настани во овие сега одвоени држави неопходно е да се земат предвид сите фази и реални процеси на развојот на повеќе генерации на модерните, но и на современите уметници.

„Оваа констатација нè оддалечува од симплификуваните работи, од онаа современа продукција што ги следи политичките реформи. Познавајќи ја релативно реалната историска ситуација на Чехословачка, особено наметнатоста кон мистифицирање на односот на официјалната уметност и на државните институции во периодот на владеењето на комунистичкиот режим неминовно се вклучи и т.н. алтернативна, неофицијална уметност што го иницираше централниот мотив на појавените преобразби“, информираат организаторите.

Во периодот на очекуваната транзиција и одбегнувањето на директната конфронтација со советскиот режим, особено за време на Прашката пролет 1968 година, Националната галерија во Прага се реши да одвои важен дел од сопствената релевантна колекција (12 дела), за да ја дополни тогаш младата колекција на МСУ, Скопје.