Министерката Костадиновска-Стојчевска во посета на Турскиот театар


Фото: Б. Грданоски

Министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска денеска ќе го посети објектот на Турскиот театар.

Од Министерството за култура информираат дека Костадиновска-Стојчевска ќе направи увид во градежните работи реализирани минатата година и ќе ја најави новата инвестиција за 2024 година. 

Турскиот театар во Скопје, кој почна да се гради пред девет години, го добива својот лик на модерен објект од стакло и метал, со елементи карактеристични за Ориентот. Следната фаза на новата зграда која се наоѓа во населбата Пролет близу Железничката станица – е фазата за внатрешни инсталации.

Архитектонскиот израз е пронајден во примената на современи градежни материјали кои го обвиткуваат објектот – стакло и метал, софистицирано аплицирани во форма на двојна структурална фасада, која е  геометриски и колоритно третирана со транскрипција на елементи карактеристични за ориентот.

Фото: Б. Грданоски
Објектот е проект на Министерството за култура и институцијата Турски театар, кој се јавува како инвеститор. Автори на идејното решение се архитектите Виктор Михајлов и Александар Наумчески.
 
Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи/ Извор: МАРХ

 

Турскиот театар е замислен да биде современ технолошки објект кој ќе располага со две сцени со вкупен капацитет од над 450 гледачи. Малата сцена ќе биде со површина од 180 м2 и максимален капацитет до 150 посетители, а големата сцена во објектот ќе располага со гледалиште со капацитет од 329 седишта. Покрај основната фунцкија на објектот, планирано е во негови рамки да има и изложбена галерија, културно-информативен центар и мултимедијална сала. 

Во јули 2015 година беше поставен камен-темелник на театарот кој се гради на површина од 2.600 квадратни метри. На тоа му претходеше решавање на имотно-правни прашања и расчистување на теренот. Театарот почна да се гради како еден од капиталните проекти на тогашната влада на ВМРО-ДПМНЕ со премиерот Никола Груевски и министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

 

Откако почна да се гради новиот објект, Турски театар ги користи просториите и сцената на Театар Комедија. Претходно, Турскиот театар со децении функционираше заедно со Албанскиот театар во некогашниот Театар на народностите на Битпазар. Поранешниот заеднички објект му е предаден на Албанскиот театар и беше реконструиран од темел.

Актуелна директорка на Турскиот театар е  Ајлин Емин-Скоро.