Еврокомесарот Хан присуствува на седница на Владата


Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан пристигна во Скопје каде пред Владата беше пречекан од премиерот Зоран Заев.

Хан ќе присуствува на 79-тат владина седница чија единствена точка на дневен ред е Информацијата за концептот и структурата на преговори за пристапување на Република Македонија во ЕУ по што се очекува да има заедничка прес-конференција со премиерот Заев.

Еврокомесарот ќе го посети и Собранието, каде ќе се сретне со собранискиот спикер Талат Џафери и со лидерот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, а ќе има обраќање и пред членовите на Националниот совет за евроинтеграции во македонското Собрание.

Со доаѓањето на Хан во Скопје се означува стартот на скрининг процесот за почеток на преговорите на Македонија со ЕУ.

Ќе се врши скриниинг на повеќе области, меѓу кои клучните посочени за реформирање – владеењето на правото, судството, борбата против корупцијата, безбедносните и разузнавачките служби, јавната администрација.

Како што веќе најави премиерот Зоран Заев минатата недела за 33. поглавја за Македонија, Владата ќе треба да формира 33 работни групи во кои ќе се ангажираат над илјада лица од институците и од граѓанскиот сектор. Претстои и формирање тимови за преговори, а на седницата ќе бидат одредени преговарачите за политичкиот и за техничкиот дел.

Скринингиот е процес со кој се проверува нивото на подготвеност на земјата да води преговори.