Еврокомесарот Хан во дводневна посета на Македонија


Еврокомесарот за проширување и соседска политика Јоханес Хан утре и задутре ќе престојува во посета на Македонија во рамки на која ќе има политички и средби со претставници на граѓанскиот сектор. Хан, како што засега официјално е потврдено, ќе има средби со премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, со претседателот на Собранието Талат Џафери, со лидерите на ДУИ Али Ахмети, на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски и на Алијансата на Албанците Зијадин Села, објави МИА. Во рамки на посетата еврокомесарот ќе се сретне и со претставници на невладиниот сектор. Посетата на Скопје еврокомесарот Хан минатата недела ја најави на Твитер по средбите во Брисел со вицепремиерот задолжен за европски прашања Бујар Османи и со шефот на дипломатијата Никола Димитров.

„Со нетрпение ја очекувам мојата посета на Скопје, следната недела, во рамки на која ќе имам политички средби, но и средби со претставници на цивилното општество“, објави Хан.

Во твитот како извонредна ја оцени средбата Османи и со Димитров.

„Верувам дека Владата ќе го искористи позитивниот момент и оти ќе ги видиме резултатите од натамошните реформи до крајот на годината. За ова е потребна конструктивна соработка на сите политички сили, вклучувајќи ја и опозицијата“, нагласи Хан.