Дурловски може да се спаси и без амнестија


Оперскиот пејач Игор Дурловски, кој за разлика од своите поранешни „соборци“ со кои секојдневно организираа протести против тиранската платформа одлучи да не побара амнестија, може да се спаси од обвинението за терористичко загрозување на уставниот поредок.

Според обвинението, Дурловски и другите организатори на движењето „За заедничка Македонија“, Владо Јовановски, Богдан Илиевски и Борис Дамовски, се товарат дека на 27 април минатата година, кога се случи крвавиот упад во Собранието, ги повикале и ги повеле насобраните граѓани кон Собранието и со потпалувачки говори ја разгореле нетрпеливоста на насобраните граѓани. Дамовски, Илиевски и Јовановски побараа и добија амнестија, а Дурловски објави дека нема да моли за помилување, туку дека ќе продолжи со борбата за докажување на неговата невиност. Сепак, Законот за амнестија што го донесоа пратениците му отвори можност на оперскиот пејач да се спаси од обвинението и без да побара амнестија бидејќи нему не му се става на товар никакво насилство. Законот не ги опфаќа организаторите на упадот, лицата со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања, а Дурловски не е во ниту една од овие категории. Обвинителката Вилма Русковска е децидна дека преквалификација за оние што не добија амнестија нема да има во завршниот збор. За Дурловски останува на ставот дека дополнително ќе се консултира со останатите колеги од републичкото јавно обвинителство. Нивната конечна одлука ќе биде соопштена во завршните зборови на обвинителството на 15 јануари.

„Обвинителството во секој случај мора да направи некои измени, ако ништо друго во однос на тие на кои им се прифатени барањата за амнестија, па во таа насока мора да размисли и за преостанатите, што и како ќе прави“, вели адвокатот на Дурловски, Еленко Миланов.

Сепак, постои можност Обвинителството да го повлече обвинението за Дурловски или евентуално ако остане во судскиот процес, за него да биде направена преквалификација на делото, односно, наместо да се гони за терористичко загрозување на уставниот поредок, да се гони за учество за толпа што ќе стори кривично дело. Со вакво полесно кривично дело Дурловски би добил условна казна.

Амнестијата ги преполови обвинетите во судскиот процес што се води за упадот во Собранието на 27 април. Бројката на обвинети може дополнително да се намали ако Апелацискиот суд одлучи да ги прифати жалбите на дел од обвинетите кои првично не добија амнестија. Деновиве треба да се знае конечно на колкумина обвинети ќе им биде подарена слобода, а колкумина ќе останат до крајот на судскиот процес и ќе чекаат пресудата на судијката Добрила Кацарска. Засега е сигурно дека петмина обвинети ќе ги слушнат завршните зборови на Обвинителството на 15 јануари, двајцата поранешни полициски функционери, поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Митко Чавков и Душко Лазаров, кој бил дежурен во оперативниот штаб на МВР, оперскиот пејач Игор Дурловски и обвинетите Игор Југ и Јане Ченто. Од вкупно 33 обвинети, 15 побараа и добија амнестија, додека 13 не добија. Дел од нив ја чекаат одлуката на второстепениот суд. Иако Апелацискиот суд требаше да ги разгледа жалбите на оние што не добија амнестија, засега не се знае ниту точната бројка ниту кога сите жалби ќе стигнат до второстепениот суд. Од Кривичен суд велат дека дел од жалбите не се уредни, односно немале доставница дека странките ја примиле одлуката на судот. Дел од нив најавија дека ќе ги пратат во текот на вчерашниот ден, а другите ќе бидат доставувани како што ќе бидат уредувани.(Ф.Ф.С.)